ЗНМ за „Онлајнмедиа“: Позитивен чекор, стоиме на располагање за соработка за подобрување на правата на медиумските работници

од Vladimir Zorba
363 прегледи

Фактот што онлајн медиумите формираа членска организација е позитивен чекор зошто на овој начин ќе имаат прилика дополнително да ги застапуваат своите права и интереси. ЗНМ стои на располагање за соработка посебно во оние точки на интерес кои се во насока на подобрување на правата на медиумските работници, нивна заштита, како и промоција на етичките правила и останати теми од јавен интерес, велат за „Локално“ од Здружението на новинари на Македонија во врска со формирањето на „Онлајнмедиа“ – ново здружение на интернет порталите за унапредување на статусот во општеството.

Во врска со барањето онлајн медиумите да бидат ставени во законска рамка, поточно да бидат регулирани со Законот за медиуми, се забележува дека тоа е општ консензус меѓу самите чинители.

„Само за потсетување, на 3-ти октомври од страна на Европскиот парламент  беше усвоен Европскиот акт за медиумски слободи кој пак имплицира дека медиумските платформи потребно е да следат одредени правила како што е транспарентност во сопственичката структура, нивното финансирање и генерално транспарентност во нивната работа. Со овој акт се поставуваат правила за независност на медиумските платформи и се промовираат начела дека уредувачките одлуки треба да бидат ослободени од влијание на притисоци“, истакнуваат од ЗНМ. 

Земајќи предвид дека Делегацијата на ЕУ технички го помага МИОА во напорите да се усогласи македонската со европската медиумска рамка, се очекува набрзо т.н онлајн медиум да бидат дел од волонтерски регистер во рамки на медиумскиот регулатор и да се исполнуваат одредени критериуми за транспарентност во нивната работа, со цел да се заштити јавноста од евентуални злоупотреби.

„Онлајнмедиа“ побара итни промени во три закони: во Законот за медиуми, во Законот за авторски и сродни права и во Изборниот законик, а од ЗНМ веруваат дека прашањето за Законот за медиуми е асполвирано.

„Тоа што е потребно е да биде во согласност со новата ЕУ регулатива предвидена во ЕМФА. Што се однесува до другите два закони, позициите на ЗНМ се конзистентни. Околу законот за авторски права, како ЗНМ веќе имаме две објавени анализи со кои се бараат конкретни подобрувања на законот со цел поголема заштита на првата на медиумските работници. Нагласуваме дека од исклучителна важност е да се почитува материјалното и моралното право на сите медиумски работници бидејќи на тој начин освен тоа што се штити нивниот интегритет би се подобрил и нивниот социјален статус.
 
Во врска со Изборниот закон, ЗНМ со години го има ставот дека платеното политичко рекламирање во приватните медиуми потребно е да се укине затоа што тоа е тренд на европските држави и второ овој механизам дава можност на политичките партии директно да влијаат на работата на медиумите преку пари со граѓаните. Оваа пракса на откупување на простор во медиумите од страна на политичките партии во медиумите за кампањи може да ја поткопа независноста во медиумите и да го загрози правото на слобода на изразување“, додаваат од ЗНМ за „Локално“.

Претходно со став излегоа и од ССНМ. Оттаму сметаат дека „тоа е нешто што е потребно, дека може да ги развие односите во важната медиумска сфера и дека тоа може да ги регулира работните односи на луѓето ангажирани во онлајн медиумите“.

Н.П.
 

Слични содржини