За сè е виновен Тесла!!! Откако ја пронашол електричната енергија сакал изумот да го скрие од човештвото затоа што сфатил дека само поединци имаат повисоко ниво на свест и можат правилно да ја користат. Останатите осознал дека нема да ја користат за доброто на човештвото. И навистина така се случи….
Утро…А, во утрото „зомби“ човештво. Поспани погледи, заспани мисли, го преколнуваме станувањето, го пцуеме утрото, животот, себе си. Затоа што никој од нас не заспива пред дванаесет, еден, два по полноќ, а некои тинејџери три и повеќе. А, наутро истите тие спијат на часови, на работа, мрзоволни, без грам енергија во себе, речиси болни, уништени од можноста да се наспијат. Кој е виновен? Господинот наречен интернет и госпоѓата телевизија. Заедно го омамуваат човештвото, му го одземаат сонот, за уште една игра, разговор, пост, серија, видео, песна, итн, до бесконечност, сè додека веќе е доцна и за заспивање. А, сонот е како воздухот за човекот. Без него нема здравје, нема концентрација, нема успешен ден, нема живот. И така, кратејќи си од сонот , си скратуваме од животот, од можноста да бидеме здрави, наспани, исполнети со енергија.
Најздравиот сон бил од десет до два часот по полноќ. Тогаш телото го добивало најголемиот „бенефит“ од спиењето. Арно ама, нема кој да спие тогаш! Па, цел еден свет на интернет и на телевизија токму тогаш почнува да живее…..Да, ама тогаш во утрото го добиваме „подарокот“ од неспиењето. Се мразиме себе си и потоа целиот свет…..А, некој да нè тера да не спиеме и да ни каже дека мора да останеме будни до два-три, е тогаш ќе се буниме, дури и да ни е платена будноста. А вака сами, не забележувајќи како времето поминува пред екранот на телефонот, компјутерот или телевизорот, се убиваме….и можеби не само здравствено туку и психички, емотивно, се труеме со насилство од телевизијата, со туѓи животи на интернет, со сè она што повеќе нè прави несреќни одошто среќни…Ама ова е друга тема..
И само да ве потсетам на „изгубениот рај“ во нашите животи. Замислете будење во мигот кога се буди утрото, во мугрите, со изгрејсонцето. Замислете потоа престој во природа, чист воздух, можеби обработка на земја, градинарство, не знам, допир со тоа што нè опкружува подарено од природата. А, ноќите поминати без електрична енергија, покрај запален оган и разговори, раскажувања шеги, приказни , случки , поуки….А, потоа мирен сон! Е, вака живееле нашите предци…..Мир, спокој, поблиску до вистината, реалноста, животот…..
P.S. Не сум конзервативна, ама срцето ме боли кога гледам како учениците наутро спијат на клупите, бледи , со подочници, без енергија во себе, а камоли да почнат да работат нешто… Зошто се уништуваме? Доброволно! И замислете…..да нема струја…..ништо, ама ништо од современото живеење немаше да ни биде достапно…..Ех, да може , би го вратиле повторно „изгубениот рај“…
Автор м-р Соња З. Андоновиќ ,професор и културолог