Зошто Авганистанците си заминуваат од Македонија?

од Vladimir Zorba

Веста за заминувањето на уште една група Авганистанци сместени од државава не доби ни фракција од вниманието кое беше посветено на нивното пристигнување. Деновиве уште 39 бегалци ја напуштија Македонија, а остануваат уште 500, кои со душа го чекаат моментот кога ќе им се придружат на нивните сонародници.

Олеснувањето кое овие луѓе ќе го доживеат во моментот кога засекогаш ќе ја напуштат оваа вукојебина без сомнение ќе биде неизмерно поголемо од тоа на големите патриоти, кои паднаа во транс летово кога власта објави дека ќе им обезбеди вдомување, со хистерични предвидувања за исламизација, силувања, тероризам и што уште не. Патриотите веќе заборавија на фактот дека оваа шака одрпани бабароги се сеуште тука, бидејќи сега во фокусот е некоја понова закана за македонштината, која и да е.

Она што патриотите никогаш не го разбраа е дека многу пострашно и пожално од принудното доаѓање на Авганистанците е нивниот ентузијазам за напуштање, затоа што тоа кажува многу повеќе за состојбата во која се наоѓа оваа држава од било што друго. Да дојде некој од Авганистан бегајќи од Талибанците, и да го смета твоето општество за премногу заостанато и неразвиено за воопшто да може да го замисли сопствениот живот во него, е невидена трагедија.

Затоа и овој текст не е наменет за десничарите. Тие никогаш нема да бидат во состојба да разберат, затоа што нивниот светоглед е ригиден, нивната анализа површна, а способноста да научат нешто повеќе – минимална. За нив Авганистанец и Талибанец е иста категорија. Всушност, вистинската критика овде е за либералните космополити, кои сметаат дека ги надминале ваквите стереотипи, а сепак робуваат на истите концептуални окови за миграцијата како предизвик со кој треба да се справува државата. Таквите окови служат само за легитимизација на политиките на елитата, и следствено нејзиното одржување како елита.

Но за нив, за разлика од десничарите, сепак има надеж. За да излезат од оковите, тие најпрвин мораат да се соочат со две вистини: прво, вистинскиот миграциски бран допрва доаѓа, и второ, со мултикултурализмот како доктрина е завршено. Проблемот е што со глобализацијата е далеку од завршено. Поради неа, и понатаму ќе гледаме прокси војни во третиот свет, зголемување на нееднаквоста, и жестока експлоатација на ресурси. Сето ова се причини за миграцијата, која ќе кулминира кога сите овие деструктивни фактори ќе ја отворат ширум вратата на климатската катастрофа. Тогаш југот масовно ќе се сели нагоре, и нема да се работи за петстотини бегалци туку милиони.

Добрата вест е што и пред да настапи оваа апокалиптична иднина, веќе сме свесни дека интеграцијата на мигрантите е неуспешна во либералната демократија, и сме во процес на визионирање нов модел. Лошата е што тој нов модел може да биде уште полош.

Во актуелниот, обидувајќи се им да ги овозможи сите слободи кои ги уживаат староседелците, либералниот режим ненамерно создава услови за гетоизација и фрагментација на мигрантите. Во потрага по просперитет на компетитивниот пазар, тие природно се групираат со “своите” за да добијат помош, и кога тој просперитет ќе изостане, девијантните појави добиваат замав.

Алтернативата во последната деценија е строга селекција на имигрантите, и методи на асимилација во либералното мнозинство, со цел задржување на националните идентитети и државната стабилност. Кристијан Јопке, еден од најпознатите теоретичари во оваа проблематика, го нарекува овој принцип “партикуларизација на универзализмот”, и според тој принцип, либералните држави мораат да бидат резервирани исклучиво за либералните граѓани.

Иронијата е очигледна, кога за гаранција на либералниот начин на живот потребни се и либерални средства, а истовремено најконзервативните општествени струи се жалат дека државата им ги одзема слободите. Меѓутоа од оваа иронија произлегува и неочекуван консензус: државата во својата модерна либерално-демократска форма нема капацитет да ја регулира имиграцијата, затоа што нема капацитет да ги регулира причините за неа.

Дотолку повеќе, самите држави директно ги предизвикуваат причините за овој феномен. Кога велиме дека не сакаме да примаме бегалци од воени подрачја затоа што други држави ги предизвикале тие војни, покажуваме хипокризија, затоа што и нашата држава ги следи правилата на меѓународниот поредок и активно учествува во него. Ако сме согласни дека либерализмот е проблемот, не можеме да мижиме пред фактот дека
државата е неговиот најцврст столб.

Сето ова укажува на едно погрешно каузално толкување – за да ја спасиме државата мораме да ја урнеме елитата. Едноставната вистина е дека за да ја урнеме елитата, мораме да ја урнеме и либералната држава. Затоа што ако не сакаме либерализам, ама сакаме држава, алтернативата е фашизам. Но, ако не сакаме ниту либерализам, ниту фашизам, тогаш не сакаме држава – барем не оваква.

Каква држава сакаме тогаш?

Одговорот е: држава во која мигрантите ќе сакаат да останат, но без да им се нуди лажна надеж дека ќе станат милионери, туку само ветување за еднаквост. Конфедерација на автономни локални заедници, зависни од меѓусебна соработка и внатрешна хармонија, во кои сите членови работат заеднички, врз база на жителство, а не потекло или државјанство. Бастион на анти-глобализацијата.

Индикатор за квалитетот на едно општество не е колку тоа е етнички или идеолошки хомогено, туку неговата самоодржливост. А таа самоодржливост ќе биде резултат на деконструкцијата на колективните идентитети, идеите за сопственост на државата, и последователната интеракција, толеранција и заедничко – хоризонтално – одлучување.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини