Зошто ги примаме вакцините токму во мускулот на надлактицата?

од Stefanija Kuzmanovska
377 прегледи

Милиони луѓе ги засукаа ракавите во последните неколку месеци за да ја примат вакцината против ковид 19. Дали некогаш сте се запрашале зошто не ги засукавме ногавиците наместо ракавите и зошто сите вакцини ги примаме токму во мускулот на надлактицата?

Професорка од универзитетот Пурдју, Либи Ричардс, која има искуство во работа во јавниот здравствен систем и како мајка на две љубопитни деца, честопати имала можност да го слушне прашањето зошто вакцината се инјектира во мускулот на надлактицата и решила да ѝ ги објасни причините на јавноста, пренесува „Science alert“.

Пред сè, треба да се напомене дека повеќето, но не сите, вакцини се даваат во мускул – ова е познато како интрамускулна инјекција.

Некои вакцини се даваат и орално. Други се даваат поткожно, како што се оние против сипаници, заушки и рубеола. Сепак, повеќето се даваат во мускулите.

Но, зошто мускулите се толку важни и дали е местото толку важно? И, зошто мускулот на раката – наречен делтоид – во врвот на рамото?

Мускулите имаат имуни клетки

Мускулите се одлично место за примање на вакцината бидејќи нивното ткиво содржи важни имунолошки клетки кои го препознаваат антигенот, дел од вирусот или бактериите што ги добиваме од вакцината и кои предизвикуваат имунолошка реакција.

Во случај на поединечни вакцини против ковид 19, не примаме антиген, туку упатства за производство на антиген. Имуните клетки во мускулното ткиво ги собираат овие антигени и ги презентираат на лимфните јазли.

Инјектирањето на вакцината во мускулното ткиво ја одржува содржината локализирана и им овозможува на имуните клетки да ги предупредат другите имунолошки клетки за да започнат со работа.

Штом имуните клетки во мускулот ја препознаваат вакцината, тие го пренесуваат антигенот во лимфните садови, кои потоа го пренесуваат заедно со антигенот до лимфните јазли.

Лимфните јазли се клучни компоненти на нашиот имунолошки систем и содржат повеќе имунолошки клетки кои препознаваат антигени од вакцините и започнуваат имунолошки процес на создавање антитела.

Групата лимфни јазли се наоѓа во области во близина на местото на администрација на вакцина. На пример, делтоидниот мускул во раката се наоѓа во близина на лимфните јазли лоцирани под пазувите. Кога вакцината се дава во бутот, во близина има лимфни јазли во препоните.

Мускулите ги локализираат сите овие активности

Во исто време, мускулното ткиво се обидува да ја локализира реакцијата на вакцината, односно да ја ограничи на одредено место. Затоа, инјектирањето на вакцината во мускул понекогаш предизвикува воспаление или болка на местото на инјектирање.

Кога одредени видови вакцини се инјектираат во масното ткиво, можноста за иритација или воспалителна реакција се зголемува бидејќи масното ткиво циркулира помалку, што доведува до послаба апсорпција на некои компоненти на вакцината.

Вакцините за кои исто така се потребни додатоци или состојки кои го подобруваат имунолошкиот одговор на антигенот, мора да се инјектираат во мускулот за да се избегне поголема иритација или воспаление. Овие додатоци делуваат на различни начини за да ја стимулираат најсилната можна реакција на имунолошкиот систем.

Постои уште една важна причина кога станува збор за местото на примена на вакцината, а тоа е големината на мускулите.

Возрасните и децата на возраст од три и повеќе години вакцината ја примаат во делтоидниот мускул на надлактицата, а децата на возраст под три години вакцината ќе ја добијат во средината на бутниот мускул затоа што мускулите на нивните раце се мали и помалку развиени.

Следното прашање во рамките на вакцинацијата е практичност, нагласува професорката Ричардс и поставува реторичко прашање: „Можете ли да замислите како луѓето ги соблекуваат панталоните во масовна област за вакцинација за да ја примат вакцината? Засуканиот ракав е многу поедноставен и поприкладен“.

Различни заразни болести, освен ковид 19, бараат здравствениот систем да организира масовна вакцинација во најкус можен рок.

Кога ова ќе се земе предвид, како и сите горенаведени, мускулот на надлактицата е логичен избор, бидејќи е најдостапен за медицинскиот персонал.

Слични содржини