Зошто има послаб одѕив за вакцинација меѓу граѓаните: „Народот со години слуша за недостиг на лекови и афери, така се губи довербата во системот“

од Nikola Popovski
349 прегледи

Нема нови случаи на магарешка кашлица, но има уште една жртва од грип. Досега шестмина починаа, сите биле невакцинирани. Бројот на заразени расте, при што за една недела се регистрирани над илјада случаи. Комисијата за заразни болести излезе со препораки за вакцинација и за заштита на ранливите групи. Сепак, истакнуваат дека пикот на грипот сè уште не е достигнат.

Постои ли простор за загриженост?

-Ова е период кога луѓето одат по прослави и се слави Нова година и секогаш имаме зголемен број на пациенти кои покачиле температура, имаат кашлица, полесно се облекле, не внимавале на надворешната температура. Во моментов мојата чекална е празна, сликата не е таква за да правиме паника меѓу луѓето, вели во разговор за „Локално“, докторката и претседателка на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова-Дервишова. Околу ситуацијата со Ковид-19, лекарката смирува дека сите го прележаа и нема тешка клиничка слика.

-Има луѓе што се жалат на кашлица, заради тоа проверуваме крвна слика. Кај нив нема леукоцити, ниту лимфоцити, што дава податок дека не се работи за бактерија или вирус. Нема моменти за паника. Тоа беше мал наплив кога матичните доктори не работеа за Нова година, па дојде Божиќ, еве сега пак имаме празник и три дена нема да работат. Вакво нешто секоја година се случува, нема простор за алармантност, порачува Чолакова-Дервишова.

Според неа, секогаш треба искрено да се информира кога некој ќе почине и кои биле коморбидитети.

Д-р Лилија Чолакова Дервишова

-Не сум за правење паника и селективно кажување на информациите. Треба помирно да се информира. Слушам за сликата на детската клиника „Козле“ дека имало паника, но не треба да има. Сепак и луѓето треба подебело да се облекуваат. Еве денеска е 17-ти јануари, во амбуланта не се дојдени ниту двајца пациенти соодветно облечени за јануари. Со кратки чорапи се, шал и капа никој не носи, уште помалку ѕиври. Има и мозочни удари заради овие атмосферските варирања на надворешен притисок. Тоа е сликата која што постои кај нас во ординација. Најмногу од пациентите кои што беа дојдени биле на дочек на Нова година, биле во дискотеки во тенка облека. Исто и луѓето кои што чекаат по неколку часови за лични документи пред пунктовите. Се жалат дека настинале при чекање, некои и по пет часови во едно место. Најбитно е нозете и главата да се топли. Препорачувам навечер да се бањаат и веднаш сушење на главата. Од медицинска гледна точка, главата на порите се отворени и да нема банање и веднаш излегување, како во лето, советува матичната лекарка.

„Недовербата во системот го наплаќа данокот“

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, како и од големата кашлица. Комисијата препорача здравствените власти да ги проверат вакциналните картони и да ги повикат родителите на оние деца кои не ги примиле сите дози. Во моментов покриеноста со вакцината против ова заболување е 83,9%. „Тоа не е бројка која ја посакуваме и затоа ги повикуваме родителите кои ја прескокнале вакцината да ги надополнат тие промашени дози, затоа што пертусисот е најопасна болест за малите деца“, рече претседателот на КЗБ, Александар Петличковски. Во однос на тоа како да ги натераме родителите и општо граѓаните на вакцинација ако знаеме дека ова општество е скептично и повеќе верува на теории на заговори, докторката прстот го вперува во надлежните.

-Здравствениот систем е сериозна работа и еден од основните столбовите на општеството. Овој народ со години слуша за недостиг на лекови, инсулини, разни терапии, аферата со Онкологија и така се губи довербата. Сите плаќаме здравствено осигурување. Не може нетестирани вакцини и од каде се донесени. Медицината и науката да се врати во оваа гранка. Пред да се пуштат ревакцините, да се мерат антитела кај луѓето. Високото ниво на антитела и вакцините можат да создадат авто-имуни реакции и после удира на мембраните од мозокот и други органи и се случуваат болесто. Треба да се грижиме повеќе за здравјето на граѓаните, истакнува соговорничката.

Според неа, ако се изгуби довербата во нешто, многу тешко се враќа.

-Луѓето ќе препознаат кога некој е загрижен за нивното здравје. Луѓето си бараат спас кога на пример кај нас имаме поскапи лекови отколку во соседството, Грција на пример. Треба системот и државата грижа да покажат кон народот. Немаат сите пари да отидат на прегледи и мамографија во приватни болници, предупредува д-р Чолакова Дервишова.

Н.П.

Слични содржини