Зошто никогаш не треба да се обидувате да го спречите кивањето?

од Stefanija Kuzmanovska
324 прегледи

Понекогаш можете да го запрете кивањето со држење на носот, но со оглед на брзината на кивањето, не е најдобрата идеја да го направите тоа.

Кивањето се случува кога сетилните нерви во нашиот нос се стимулирани од надразнувачи како што се алергени, вируси, бактерии или дури и течност. Таа информација потоа доаѓа во мозокот, по што се активира рефлексот на кивање.

Кивавицата најпрво вклучува длабок здив и зголемување на притисокот во дишните патишта. Потоа следи контракција на дијафрагмата и мускулите околу ребрата, рефлексно затворање на очите и силно издишување.

При издишување на кивавицата, вашиот јазик е подигнат до покривот на устата. Ова го затвора задниот дел од устата, така што воздухот главно поминува низ носот. Воздухот исфрлен низ носот ги исфрла оние материи кои предизвикувале иритација и кивање.

Тригеминалниот нерв носи сензорни информации од лицето до мозокот. Ова вклучува сензорни информации за допир, болка и иритација на кожата на лицето, како и од внатрешноста на носот и устата. Во секој тригеминален нерв има илјадници индивидуални нервни гранки, од кои секоја носи специфичен тип на сетилни информации.

Сензорните нерви патуваат до мозокот преку ‘рбетниот мозок, а потоа тие нерви во ‘рбетниот мозок комуницираат едни со други.

Кивањето може да се запре, на пример, со покривање на носот или устата, но тоа го зголемува притисокот во дишните патишта пет до 20 пати повеќе отколку кога само кивате нормално. Тој притисок треба да се пренесе на друго место и може да ги оштети вашите очи, уши или крвни садови. Иако ризикот е низок, пријавени се некои сериозни случаи како аневризма на мозокот и колапс на белите дробови, пишува ScienceAlert.

Токму затоа не се препорачува да се обидувате да спречите кивавица.

Слични содржини