Дали „Огнените“ сега се свртија кон претседателот на ДУИ? Пред два дена дојде до нов момент во внатрепартиската војна во ДУИ. Членот на „Огнената група“ и претседател на Надзорниот совет на ДУИ, Муса Џафери при средба со граѓаните на општина Чаир, речиси го нападна лидерот на партијата, Али Ахмети. „Ним им бега возот…тие…момчето или старото момче ги брои неговите последни денови на тој циркус кој го води по медиумите, по Тик ток..“, рече Џафери, што може да се сфати како директна порака.
Се поставува прашањето дали ваквиот наратив и префрлувањето на нападите од Груби и Османи кон Ахмети, ќе донесат нешто ново за „Огнените“. Политичкиот коментатор и правник Ардиан Демири во разговор „Локално“ вели дека општ е впечатокот дека „Огнената група“ нема кауза за која се бори. Сепак тој нагласува дека ова е нов момент.
-Досега немаа кауза бидејќи нелогична беше нивната борба и критика кон Артан Груби и Бујар Османи. Имајќи предвид како функционира таа партија – султанат (првиот е главниот), што значи дека во ниту еден момент, ни на крај на памет би се сомневал за вина кај Груби или Османи. Со оглед дека ги напаѓаа нив двајца, според мене, нивната цел, со оглед дека на Ахмети му поминува биолошкиот час и со оглед на годините, нивната продуктивност е се помала, па оттаму сакаат да дојдат поблиску до него, за да бидат негови директни наследици, посочува Демири.
Тој истакнува дека во ДУИ важи принципот кој е поблиску до лидерот, тој утре ќе го наследи на тронот во наредна прилика, кога ќе ја заврши политичката кариера.
-Јас би ги разбрал доколку тие упатат и кажат критика кон тоталното уништување на судството, обвинителството, администрацијата, корупцијата, но тие не се осврнуваат на тие теми, туку на напаѓање на две фигури кои што се минорни во таа партија, смета соговорникот.
Демири укажува дека албанската партија губи со оваа војна, но добива со окрупнувањето на владеачкото мнозинстви и влезот на Алијанса за Албанците во Влада.
-Партијата сигурно губи со оваа војна, но ги гледате комбинаториките со окрупнување на владеачкото мнозинство и си останува стабилна во Владата. Сигурно ќе има ефекти доколку би излегле на избори сите под логото за Европска Македонија, но во услови доколку ДУИ сама би изглегла, тогаш мислам дека би имал ефект оваа внатрепартиска војна, ни рече аналитичарот.
Истакнува дека „Огнената група“ е многу влијателна во изборна единица 2 и 3 – скопскиот и кумановскиот регион, а од друга страна во 5-тата изборна единица локалната контрола е под Алијанса и БЕСА, така на ДУИ му останува само оваа изборна единица да биде помоќна, што не му носи повеќе од 2 или 3 пратеници.
-Во услови кога би излегле сами би имало ефект, но ако одат коалициски заедно со Алијанса, СДСМ и други, тогаш не би се забележало и би немало позначајно влијание, анализира Демири.
Н.П.