Зошто Путин прифати примирје? За да се подготви за бруталниот напад врз украинската енергетска мрежа

Најновиот масовен руски напад врз украинската енергетска инфраструктура предизвикал „една од најтешките штети досега“ од почетокот на војната, соопштија украинските власти. Во нападот Русија истрелала 71 ракета и 450 дронови, при што загинале најмалку четири лица, а 32 биле повредени, објави Kyiv Independent.

од desk4
38 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Спутник

Најновиот масовен руски напад врз украинската енергетска инфраструктура предизвикал „една од најтешките штети досега“ од почетокот на војната, соопштија украинските власти. Во нападот Русија истрелала 71 ракета и 450 дронови, при што загинале најмалку четири лица, а 32 биле повредени, објави Kyiv Independent.

Според украинскиот премиер Денис Шмихал, оштетени се производствени капацитети, како и преносни и дистрибутивни мрежи во повеќе региони. Тој оцени дека состојбата е „комплицирана“, а енергетските компании вовеле итни исклучувања на струја и распоредиле дополнителни генератори во критичните области. Посебно сериозни оштетувања претрпела киевската термоелектрана Дарница, која обезбедува греење за голем дел од главниот град.

Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека Русија ги прекршила обврските од договореното енергетско примирје и дека не покажува вистински знаци на деескалација, и покрај изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп.

Извршниот директор на ДТЕК, Максим Тимченко, предупреди дека електроенергетскиот систем е доведен во уште поголема опасност. Според него, илјадници семејства во Киев се соочуваат со екстремно ниски температури и со недели без греење, оценувајќи дека нападите врз цивилната инфраструктура претставуваат сериозна закана за енергетската безбедност.

И покрај континуираните напади, екипите на ДТЕК успеале да ја вратат електричната енергија за околу 100.000 домаќинства во Киев. Нападите продолжиле и во текот на ноќта, кога биле лансирани уште 105 дронови, од кои 88 биле пресретнати од украинската противвоздушна одбрана.

Државната компанија Укренерго информира дека повторно биле погодени енергетски објекти во повеќе региони, поради што без струја останале делови од Сумската, Доњецката, Днепропетровската, Херсонската и Запорошката област. Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека состојбата е најкритична во Киевската, Харковската, Сумската, Полтавската, Днепарската и Черкаската област, каде што повеќе од 1.100 станбени згради останале без греење.

Преговори во сенка на нападите

Во ваков контекст, во Абу Даби заврши првиот ден од трипартитните преговори меѓу Украина, Русија и САД, чија цел е изнаоѓање решение за војната. Украинскиот преговарачки тим го заврши денешниот дел од разговорите, а продолжението е најавено за четврток, 5 февруари, соопшти украинската страна.

Во украинската делегација учествуваат Рустем Умеров, Кирило Буданов, Давид Арахамија, началникот на Генералштабот Андриј Хнатов, како и советници од Кабинетот на претседателот.

Умеров најави и билатерална средба со американската делегација, во која се Џаред Кушнер и специјалниот пратеник Стив Виткоф, на која ќе се разговара за документ за безбедносни гаранции и т.н. „план за просперитет“.

Преговорите се одржуваат само еден ден по најмасовниот руски напад оваа зима, што, според украинските власти, дополнително го доведува во прашање искреното почитување на договореното примирје и намерите за деескалација.