Хелсинки, местото на одржувањето на самитот Трамп-Путин, има историска важност во дипломатските односи на овие два долгогодишни ривали.

Во 1975 година, САД и Русија, односно САД и Советскиот Сојуз, заедно со уште 33 држави потпишаа договор за смирување на тензиите од Студената војна.
Познат како Завршниот компромис од Хелсинки, документот е потпишан на конференција, на која беа присутни американскиот претседател Џералд Форд, како и тогашниот советски лидер Леонид Брежнев.
Друг важен состанок помеѓу американските и советските лидери во Хелсинки, се случи во 1990 година, кога Џорџ Буш се сретна со Михаил Горбачов, поради инвазијата на Ирак над Кувајт, што подоцна доведе до воени интервенции од страна на Америка.
Затворање на кругот
Бил Клинтон, во 1997 година, во главниот град на Финска се сретна со Борис Јелцин, кога двајцата претседатели разговараа за проширувањето на НАТО во балтичките држави. Токму на тој состанок Клинтон ја повика Русија да се приклучи на групата Г7, која така стана Г8.
Кругот во Хелсинки овој пат би можел да биде затворен: Русија е исфрлена од таа група поради украинската криза, но воочи самитот Г7 минатиот месец, Трамп остави простор за Русија повторно да биде повикана, да им се приклучи на индустриски најразвиените земји во светот.
Финска, која во 1917 година избори независност од Руското царство, историски е неутрална локација, на која се решаваат споровите помеѓу Западот и Русија. Оваа држава и во текот на Студената војна негуваше добри трговски и дипломатски односи со двата блока.
Иако е членка на ЕУ, Финска не влезе во НАТО, како и поголемиот дел од членките на Унијата, па во регионот ја задржа стратешката неутрална позиција.
Веројатно поради својата неутралност, финската престолнина во 2008 година, беше домаќин на состанокот помеѓу командантите на американската и руската војска, во екот на војната помеѓу Русија и Грузија.