Зошто Трамп и Путин ја избраа Алјаска за клучниот состанок?

од Nikola Popovski
39 прегледи

Кремљ ја потврди најавата од Вашингтон дека средбата меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, ќе се одржи на 15 август во Алјаска. Иако некои неутрални дестинации, како што се Турција, Обединетите Арапски Емирати или Саудиска Арабија, претходно беа споменувани како можни локации, аналитичарите посочуваат дека не е изненадувачки што изборот падна на Алјаска.

Соработникот на Путин, Јуриј Ушаков, потврдувајќи ја средбата на 15 август во Алјаска, потсети дека САД и Русија се блиски соседи кои делат заедничка граница – Беринговото Море, кое ги дели двете земји и два континента.

„Сосема е логично нашата делегација едноставно да лета над Беринговиот Проток и дека толку важен и очекуван самит меѓу двете земји се одржува во Алјаска“, рекол Ушаков, пренесува „N1“.

Кремљ очекува дека следната средба меѓу Путин и Трамп по Алјаска ќе се одржи во Русија, а официјалната покана веќе му е доставена на американскиот претседател.

Пристигнувањето во Алјаска не само што ќе го олесни патувањето на руската делегација, која нема да мора да лета над други земји, туку ќе ја олесни и поедностави и работата на безбедносните служби.

Трој Бафард, директор на Центарот за арктичка безбедност и отпорност на Универзитетот во Алјаска во Фербанкс, изјави за РИА Новости дека состанокот најверојатно ќе се одржи во Анкориџ и дека не се очекуваат безбедносни проблеми.

„Средбата веројатно ќе се одржи во или околу Анкориџ. Логистичката инфраструктура за прием на летови и делегации на високо ниво е добро развиена таму. Најнов пример е средбата на поранешниот државен секретар на САД, Ентони Блинкен, со кинеската делегација“, рекол Бафард.

Тој истакнал дека за посетите на претседателот секогаш се ангажираат дополнителни ресурси, а се обезбедува и придружно обезбедување, обично од сили од единиците на главниот град.

„Нема да има никакви безбедносни проблеми“, заклучил Бафард.

Властите на Алјаска ѝ соопштиле на руската агенција дека не знаат каде ќе се одржи состанокот.

На Алјаска, Трамп и Путин ќе разговараат не само за наоѓање долгорочно решение за мир во Украина, туку ќе разговараат и за економски проекти во Алјаска и Арктикот, за кои Москва и Вашингтон гледаат „одлични и заемно корисни перспективи“, објави руската агенција.

Ова не е прв пат Алјаска да биде избрана како место за состаноци на високо ниво и чувствителни разговори. Во 2021 година, највисоките функционери на администрацијата на Џозеф Бајден беа домаќини на високо рангирана кинеска делегација во Анкориџ, град со околу 300.000 жители.

Двете делегации разговарале два дена во скромен хотел со четири ѕвездички во центарот на градот, а повеќето од овие разговори се одржаа зад затворени врати.

Како што објавија медиумите, состанокот бил во тензична атмосфера. Додека САД изразиле „длабока загриженост“ за некои активности на Кина во странство, кинеските претставници ја обвинија американската делегација дека е „понижувачка“ и „лицемерна“.

Друг аспект на оваа локација е тоа што американскиот претседател ќе се најде себеси како домаќин на својата територија, која порано беше руска.

Имено, до 30 март 1867 година, Алјаска ѝ припаѓаше на Русија, која ги основа првите населби во таа област. Сепак, поради финансиските тешкотии во империјата и стравот дека Британците би можеле да ја преземат контролата врз територијата и сè послабата трговија со доселениците, Русија ја продаде Алјаска на Соединетите Американски Држави за 7.200.000 долари во тоа време.

Алјаска е најголемата американска држава по површина, 1.518.775 квадратни километри, и со само половина милион жители. Покриена е со планини со активни вулкани и глечери. Тука е и највисокиот врв на Северна Америка (планината МекКинли) на 6.149 метри надморска височина.

Алјаска ја открил рускиот истражувач Витус Беринг во 1741 година. Првата населба ја изградиле Русите во 1783 година на островот Кодијак.

Домородците (Индијанци, Ескими и Алеути) се спротивставиле на договорот меѓу Русија и САД и добиле американско државјанство дури во 1924 година. Во 1971 година, Вашингтон донел одлука според која домородците добиле сопственост на околу 11 проценти од територијата и удел во енергетските нафтени корпорации.

Слични содржини