Зошто Трамп толку многу го цени Путин: „Рускиот лидер отиде во локална црква и се молеше за него“

од Nikola Popovski
627 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин се молеше за Доналд Трамп откако тогашниот претседателски кандидат беше ранет минатата година, откри во интервју еден од неговите најблиски соработници и специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Блискиот Исток, Стив Виткоф.

Виткоф, кој двапати ја посети Москва за да преговара за условите за прекин на огнот со Украина, му рекол на поранешниот водител на „Фокс њуз“, Такер Карлсон во неговиот подкаст дека за време на неговиот втор состанок со Путин, рускиот претседател раскажал како реагирал на обидот за атентат врз Трамп за време на предизборниот митинг минатото лето.

„Кога претседателот беше ранет, тој отиде во неговата локална црква, се сретна со својот свештеник и се помоли за претседателот“, рекол Виткоф, мислејќи на Путин.

Путин „се дружеше со него и се молеше за својот пријател“, објасни Виткоф. Тој додал дека емотивната приказна му ја пренел на Трамп, кој бил „очигледно трогнат“.

Минатиот јули, Трамп, тогашен републикански кандидат, им се обраќаше на своите приврзаници во близина на Батлер, Пенсилванија, кога беше погоден од куршум испукан од 20-годишниот Томас Метју Крукс.

Тогашниот портпарол на Кремљ ги обвини политичките противници на Трамп за пукањето.

Виткоф рече дека Путин нарачал и „убав портрет“ на Трамп од еден од водечките руски уметници, кој потоа му го подарил на Трамп.

Трамп долго време го изразува своето воодушевување од Путин, нарекувајќи го „генијалец“ и „силен лидер“, меѓу другите суперлативи, што доведе до обвинувања од неговите критичари дека е премногу попустлив кон Кремљ.

Претходно оваа недела, двајцата лидери разговараа по телефон околу два часа за можноста за ставање крај на руската сеопфатна инвазија на Украина, при што Трамп го опиша разговорот како „многу добар и продуктивен“.

Слични содржини