Зовриена атмосфера пред „Денот Д“ за Србија: „Напад врз народот би бил контрапродуктивен, круна на ограбувањето на Вучиќ е ЕКСПО“

Кулминација на граѓанското незадоволство во Србија: „Вучиќ ќе падне на болен начин ако целосно му се стесни просторот за маневар без да постигне привремен компромис“

од Nikola Popovski
423 прегледи

Србија одбројува до сабота, кога по четири и пол месеци граѓанска непослушност и блокада на институциите по трагедијата во Нови Сад, ќе се одржи најголемиот собир на студенти и противници на владата на Александар Вучиќ. И додека претседателот со денови најавува мрачно сценарио во кое, како што вели, државата нема да стои на страна, студентите ветуваат дека нема да предизвикаат инциденти, но признаваат дека влогот е голем. Вучиќ веќе побара од студентите да не учествуваат во насилство. „Деца, не дозволувајте Ѓилас, Миливојевиќ и сите други да ве искористуваат за нивните валкани политички цели. Немојте. Ова е мое барање како претседател на републиката, не поради себе туку затоа што не можете да го смените претседателот. Ве молам, деца, ве молам, затоа што ова мора да го знаете“, рекол шефот на српската држава и најавува дека се планира „уривање на уставниот поредок односно државен удар“.

Што ќе се случи во сабота?

Според дел од српската јавност, мрежата студентски и професорски организации кои повикуваат на собирот не го најавуваат како „Денот Д“. Со други зборови, тоа е многу важен, но само еден во низата настани чија цел е да се оттргне стравот кај граѓаните и, согласно претходно наведените студентски барања, да се артикулира нивното растечко незадоволство. Според белградскиот политички аналитичар, Драгомир Анѓелковиќ, по 15-ти, ќе следи 16-ти март со некои, иако помали, настани, а потоа и некој друг голем настан во март или април.

-Сето ова во комбинација со нови локални акции на студенти и професори кои вклучуваат будење на руралното население на „мирен бунт“ и, според принципите на директна демократија, преземање на локалните заедници, секогаш кога е можно, за почеток. Ова ќе го зголеми притисокот врз режимот од различни страни и ќе го забрза неговото распаѓање. Вучиќ создаде механизам на апсолутна корупција во Србија, што значи дека според принципот на пирамидата секој што е со него има можност да украде нешто додека дел треба да дадат на оние над нив. Сега тој систем закочува или барем успорува, бидејќи граѓаните со своите постапки го оневозможуваат организираниот грабеж, што ја прави незадоволна целата интересна заедница околу Вучиќ и многумина повеќе не гледаат смисла да го поддржуваат. На тој начин корумпираната држава доживува колапс, а гладните ѕверови кои му служеа на српскиот диктатор по извесно време ќе бидат спремни да го каснат и него. Исто е и однадвор. Вучиќ сè повеќе не може да им обезбеди „рекет“ на големите и регионални сили чија поддршка му е потребна. Оттука, јасно е дека маратонската борба што ја наметнуваат студентите и професорите како авангарда на незадоволните граѓани полека, но сигурно го турка режимот во бездна. За да го спречи тоа, Вучиќ се обидува да создаде атмосфера на насилство, неговата пропаганда зборува за „ден Д“, а можеби планира да предизвика судири на 15 март преку своите провокатори или со директна употреба на полицијата. Но, ако неговото превентивно заплашување на луѓето не даде резултати и се соберат стотици илјади луѓе во Белград, како во Ниш, нема да му биде дозволено ништо. Никој не може да растури таква толпа ако дојде во конфликт со неа. Нападот врз народот тогаш би бил контрапродуктивен за режимот. Наместо да го одложи својот пад, тој би го забрзал. Според тоа, треба да се очекува дека на 15 март нема да се случи ништо посебно, освен дека веќе следниот ден ќе започне нова фаза на пропаст на сегашниот режим во Србија, и така се додека не падне од власт, вели аналитичарот во разговор за „Локално“.

Запрашан дали гледа мешање на странски земји во случувањата или тоа е само реакција на криминализираниот систем кој ја гуши земјата, како што велат оние кои протестираат, Анѓелковиќ посочува дека Вучиќ целосно ѝ ја отстапи контролата над северно Косово на Приштина и де факто го призна Косово. Во исто време, вели дека тој ја подигна соработката со НАТО на највисоко можно ниво, а истовреме тајно доставувал оружје за Украина.

Драгомир Анѓелковиќ

-Затоа Западот нема причина да го урне. Дури и ако Трамп не е пресреќен поради сето ова, тој нема ниту време ниту волја да преземе акција против актуелниот режим во Србија. За него тоа е од второстепено значење, како и целиот Балкан. Дотолку повеќе што водечките сили на ЕУ го поддржуваат Вучиќ како нивен докажан квислинг. Што се однесува до Русија, и на неа ѝ плаќаше рекет на некој начин, помагајќи на дел од нејзината елита да избегне санкции, односно дозволувајќи и на „Нафтената индустрија на Србија“, која е во мнозинска сопственост на Русија, да функционира како држава во држава. Западот не е премногу среќен поради ова, но тоа е прифатлива цена за она што го добива. Така мислат и Русите. Кога станува збор за Кинезите, тие во Србија имаат привилегии какви што нема никаде во светот, тврди Анѓелковиќ.

Околу можноста евентуални немири кај северниот сосед да се прелеат и во останатите земји од регионот, соговорникот објаснува дека стабилноста на Србија е важна за регионот, а особено за Република Српска. Но, тоа треба да биде позитивна, а не негативна стабилност.

-Србија во која владее картелски режим не е добра ниту за нејзините граѓани ниту за животната средина. Кога станува збор за Република Српска, јасно е дека додека со Србија владее Вучиќ, тоа не е вистинска поддршка за Бања Лука. Ако Вучиќ лесно го напушти Косово, кое уставно беше обврзан да го брани, тогаш е сосема нереално дека ќе и помогне на Република Српска, која не е дел од Србија, но е исклучиво, а прилично апстрактно, еден од гарантите на Дејтонскиот договор. Затоа, потресите во Србија не и се закануваат на Република Српска. Ова е пропаганда на Вучиќ. И додека во Србија немаше народно демократско востание, официјален Белград значително не и помогна на Бања Лука, која е под антиуставен притисок од лажниот висок претставник и хегемонични муслимански политичари во Сараево. Граѓаните на Република Српска мора да ја бранат својата државност со единство и одлучност и да не очекуваат сомнителна помош од Србија додека не се ослободи од сегашниот криминален режим, анализира Анѓелковиќ.

За тезата дека е можно вклучување на војската за да се „средат предавниците“, аналитичарот смета дека Вучиќ можеше релативно ефикасно да употреби сила на самиот почеток на мирноото востание на српските граѓани. Сепак, нагласува дека тоа не го направи затоа што очекуваше ЕУ да ги отвори преговорите за Кластерот 3 со Србија (кои пропаднаа поради студентскиот бунт), или веруваше дека протестите брзо ќе згаснат, како што беше случај многупати досега. Анѓелковиќ истакнува тоа не се случи, а протестите пораснаа толку многу што шефот на српската држава повеќе не може да се справи со нив преку сила, дури и да сака.

-Армијата и поголемиот дел од полицијата сигурно не се подготвени радикално да одат против, сега е јасно, преовладувачкиот дел од нацијата. Тоа значи дека народните протести кои го парализираат системот ќе продолжат и во наредниот период. Повторно, Вучиќ нема само да се откаже од власта. После се што направил, знае дека во тој случај најверојатно ќе се соочи со правдата или со неизвесно бегство во странство. Освен тоа, бидејќи надежта е последна што умира, тој веројатно сè уште фантазира дека на некој магичен начин сè ќе се „смири“ и ќе може да го реализира она што го смета за круна на полето на ограбувањето на Србија: проектот ЕКСПО со огромниот долг на земјата и трансферот на пари преку разни компании кои го спроведуваат во џебовите на браќата и нивните блиски соработници. Значи, протестниот маратон ќе продолжи, но на крајот српскиот спин диктатор ќе мора да капитулира. Ако е доволно паметен да сфати во одреден момент (кое уште не е дојдено) дека е подобро тоа да го направи на мек начин, ќе ги прифати предлозите што доаѓаат од опозицијата за формирање привремена техничка влада (во која би биле претставници на опозицијата, власта и бунтовничките универзитети) која би спроведе фер избори. Сè додека не заврши тој процес, Вучиќ може да го искористи времето што го купил за да се обиде да ја напушти земјата со неговата придружба под изговор (на пример, дека некој незаконски му се заканува на неговата безбедност) без да испадне дека тој директно побегнал. Од друга страна, ако почека дефинитивно и целосно да му се стесни просторот за маневар без да постигне барем привремен „компромис“ пред тоа, тогаш ќе падне на многу поболен начин, за себе и за државата. Воскресната Србија нема да мирува додека не ја добие слободата. Тоа не се само зборови, туку одраз на она што се случува низ нашата земја, заклучува српскиот аналитичар.

За потсетување, голем студентски протест е закажан за 15 март 2025 во Белград. Тоа претставува кулминација на повеќемесечните студентски и граѓански активности кои започнаа по уривањето на настрешница на новообновената железничка станица во Нови Сад, каде што загинаа 15 лица. Ова предизвика бран на незадоволство поради корупцијата и владината негрижа. Студентите оттогаш организираа протести и блокади на факултетите низ Србија, барајќи одговорност за одговорните и транспарентност во истрагата.

Протестот на 15 март е планиран да се одржи пред Народното собрание во Белград под слоганот „15-ти за 15-те – ве чекаме!“, симболизирајќи ги 15-те жртви во несреќата. Се очекува масовен одѕив на граѓани од целата држава, а студентите организираа сместување за учесниците од другите градови преку отворање на нивните факултети за време на викендот. Планирано е протестот да трае до седум минути по полноќ, по што ќе следи темелно чистење на градот за да се покаже одговорност и грижа за јавниот простор.

Н.П.

Слични содржини