Германскиот тенисер Александар Зверев се извини за неспортското однесување на турнирот во Акапулко.
Зверев беше исфрлен од турнирот откако со рекет удираше во столчето каде што седеше главниот судија, а сето тоа се случи во дублот кој заедно со Бразилецот Марсл Мел го загуби од Лојд Гласпул и Хари Хелиовара.
– Тешко ми е да објаснам со зборови колку жалам за моето однесување по натпреварот во двојки. На сами му се извинив на судијата бидејќи мојот излив на гнев кон него беше погрешен и неприфатлив. Многу сум разочаран од себе. Тоа не требаше да се случи и нема оправдување, напиша Зверев на својот Инстаграм профил.
-Би сакал да им се извинам на сите мои фанови, турнирот и спортот што го сакам, додаде Зверев.
– Како што знаете, секогаш оставам се на теренот. Вчера оставив премногу. Во наредните денови ќе размислувам за моите постапки и ќе се погрижам тоа никогаш да не се повтори. Жал ми е што ве изневерив, потенцира тенисерот.