Само за водачите на протестите на „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски, за ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и за пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Јохан Тарчуловски кои ги отворија вратите на Собранието и ги насочуваа насилниците каде да ги најдат пратениците од СДСМ, од Алијансата на Албаниците и од ДУИ, Основното јавно обвинителство (ОЈО) не покренува истрага, пишува СДК.

Обвинителството на Зврлевски за отсуството на информација дали Илиевски и водачите на протестите кои резултираа со упад и крваво насилство во Собранието се под истрага и дали е поведена истрага и против Мукоски, Василевски и Тарчуловски, вели:
„Во секоја фаза од кривичната постапка, па така и во предистражната каде спецификата е посебно во тоа што сѐ уште не се издиференцирани својствата на лицата кои се учесници во одреден настан, јавното обвинителство води сметка за почитување на личноста и презумпцијата на невиност на секое лице. Лицата кои се повикани и кои ќе бидат повикувани во оваа фаза од постапката, се повикуваат според законските правила за повикување и испитување на сведоци за да како граѓани на барање на јавниот обвинител дадат известувања коишто им се познати за одреден настан“.
Во одговорот до САКАМДАКАЖАМ.МК се наведува и дека Обвинителството го разбира зголемениот медиумски интерес, но почитувајќи ги напред кажаните законски и етички норми, не може да даде податоци за повиканите лица.
„Се повикуваат во континуитет сите лица без оглед на нивниот личен, општествен статус или положба, единствено само врз основа на еден критериум – дали за лицата има докази од кои произлегува дека истите би можеле во оваа оваа фаза од постапката да дадат известувања за утврдување на околностите поврзани со конкретниот настан“, вели Обвинителството на Зврлевски.