Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска се обрати на настан по повод 20 години од меѓународната студија „Однесувања поврзани со здравјето на децата од училишна возраст (11, 13 и 15 години) во Република Северна Македонија” што се одржа под нејзино покровителство во Кабинетот на претседателот.
Носител на оваа меѓународна лонгитудинална студија е Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска со поддршка на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието и истата се спроведува во 51 земја од Европа и Северна Америка. Во нашата земја, годинава истражувањето се одвиваше по шести пат на национален примерок од 5140 ученици од најзастапените наставни јазици, македонскиот и албанскиот, на возраст од 11, 13 и 15 години.
Во своето обраќање пред присутните, сопругата на претседателот истакна дека е значајно да се зборува и истражува за промените во однесувањата и животниот стил на младите, улогата на најблиските, нивните врсници, образовните и здравствените институции, културата, секојдневието и опкружувањето, во развојот и унапредувањето на здравјето, како и учеството на еден млад човек како единка во стекнувањето на навики за уредување на сопствениот живот.
„Мојот ангажман како здравствен работник кој се грижи за здравјето на децата и младите, ја потврдува потребата од анализирање и осознавање на промените во однесувањето на младите и нивниот животен стил за посоодветно едуцирање и советување за лекување, превенција и заштита на здравјето или за потенцијални идни состојби кои имаат влијание врз целокупниот нивни развој”, нагласи Ѓоргиевска.
Честитајќи ја 20 – годишнината од спроведувањето и 40 – годишнината од основањето на оваа значајна студија, сопругата на претседателот се заблагодари на работата и напорите на истражувачите, како и на споделените мислења и придонесот во наодите на студијата на сите учесници додавајќи дека не треба да се заборави на сите засегнати страни кои придонесуваат кон развојот и унапредувањето на здравјето на децата и младите, како соодветните институции, едукаторите, лекарите, психолозите, социјалните работници и сите останати засегнати учесници во овој процес како креатори на нивното сегашно и идно однесување.
„Наша заедничка должност е да креираме патоказ по кој без страв и чувство на помала вредност ќе чекорат нашите деца и млади. Наша обврска е да ги заштитиме, едуцираме, да им дадеме безусловна поддршка во нивниот развој, да ги вклучуваме при креирањето на политики кои ги засегаат, правилно да ги информираме, да ги ислушаме нивните потреби и да ги бодриме и упатиме во нивните одлуки за градење на здрави животни навики и живот”, порача сопругата на претседателот.
На настанот се обратија министерот за образование, Јетон Шаќири и Лина Ќостарова – Унковска, директор на Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска, а беа презентирани и резултатите од студијата – трендови на индикатори на здравјето низ подолг период и беа доделени признанија и сертификати на поединци, институции и организации кои го дадоа својот придонес за студијата.