Ѓурчески за убиството на „Жила“ и „Лаци“: Профил на лица кои се добро познати на службата и се заштитени од полицијата

од Nikola Popovski
1,9K прегледи

Станува збор за профил на лица кои се доста добро познати на службата кај нас и се дел од организираните криминални групи и тоа во оној повисок слој на командување и раководење со тие групи, посебно трговијата со наркотици во градот Скопје, вели во разговор за „Локално“, поранешниот началник во Министерството за внатрешни работи и помошник-директор на Криминалистичка полиција, Љубомир Ѓурчески за двојното свирепо убиство во Старата скопска чаршија која ја потресе јавноста. Ѓурчески ги потврдува информациите дека едниот од сега загинатите Јетон Кривањева – Жила бил дел од пресметката во хотелот „Александар Палас“ во 2019 година.

-Некои информации кои кружат во медиумите се приближно до вистината поради тоа што станува збор за продолжување на нарко-пресметките меѓу криминалните групи уште од 2010 година. Точно е дека „Жила“ беше жртва на пресметката во хотелот „Александар Палас“. Таму се зборуваше и дека еден полицаец му помогнал во неговото спасување. Факт е дека сите организирани криминални групи и кланови се дел од врската со политичките елити кои се дел од власта. Оттука се зборува дека добиваат одреден степен на државно-политичка заштита и им се овозможува неказнивост, како за ниту една од престрелките од 2010 година, како на пример во Синѓелиќ кога беше убиен Џељо (Џељадин Ајети), ни рече Ѓурчески.

Кога ќе се погледнат сите претходно убиства, соговорникот вели дека методот е еднаков кај сите вакви слични егзекуции-влегување во објектот, ликвидација и заминување.

-Ако сето тоа добро го поврзиме и согледаме дека станува збор за елита која не е казнива и може да се поврзува со престрелките во Речица со „кумановскиот клан“. Таа спојка „политика и организирани криминални групи“ не ја надминавме и мислам дека овие групи уште подобро ни се инсталираа во власта. Точна е констатацијата дека се заштитени од полицијата, прецизира поранешниот началник во МВР.

Љубомир Ѓурчески

Оценува дека многу е невкусно кога растот и опаѓањето на криминалот го гледаме низ проценти и бројки, а не според својот обем.

-Општо статистички можеби имаме енормно намалување на ситните кражби. Една кражба на кутија цигари и едно убиство се 50% од криминалот. Едното ќе го откријам, но убиството нема да го откријам, ама 50% имам ефикасност. Не е добра таа гола статистика. Мораме да расчистиме со криминалот и да го гледаме по неговиот обем, динамика и квалификаторните елементи на кривичното дело. Не можете ова свирепо убиство, кое што можеби е потешко од 100 кражби и каде што има жртви и повредени, да го поистоветувате во таа насока. Ние паѓаме на превентивен план. Имаме многу грозоморни дела, порачува Ѓурчески.

Сепак поранешниот вработен во МВР не очекува расветлување на трагичниот настан.

-Не очекувам голема реализација и реакција во овој дел затоа што многу тешко ќе се дојде до вистински и цврсти докази со кои што осомничените ќе можат да бидат изведени пред лицето на правдата. Мислам дека нивната заштита и нивниот дел од она што викаме неказнивоста. Не очекувам правна разрешница како и многу пати претходно кога се пукаше на „Рузвелтова“, во Чаир или Бутел, дециден е Ѓурчески.

Додава дека државата во моментов не чекори кон ЕУ или има некој безбеден систем во кој што сме уживале и го знаеме кога граѓаните можеа да се движат каде сакаат и во кое било време.

-Со ваквите пресметки се повеќе се предизвикува страв меѓу обичните граѓани кои се повеќе се затвораат дома. Мислам дека сме на погрешен пат барем во делот на јавната безбедност. Потребен ни е целосен ресет и почнување од нула, потенцира Ѓурчески.

Н.П.

Слични содржини