Ќе се пишмани ли Мицкоски за коалицирање со ДУИ? „Едно е реалноста, а друга е реториката“

од Nikola Popovski
358 прегледи

Иако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат долга историја на соработка и коалицирање, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски сега тврди дека коалиција со најголемата албанска партија во иднина е непосакувано сценарио. Тој порачува дека неговата партија во моментов не би сакала да работи заедно со ова раководство на ДУИ. -Ќе се работи со отчетност и не смее да има во влада министри кои не одговараат пред премиерот, туку пред партискиот лидер. Се знае кој е мандатар и кој е премиер. Кажувам дека такви луѓе ако јас бидам мандатар нема да бидат дел од мојот кабинет, истакна Мицкоски за тоа што ќе се случи доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на следните парламентарни избори, нагласувајќи дека за криминалните афери ќе има одговорност.

Останува прашањето дали Мицкоски ќе се пишмани, во обид да дојде на власт? Универзитетскиот професор Башким Селмани смета дека интересна е улогата на политичките партии бидејќи помина долго време од независноста и сега реториката е друга, а во реалноста е друго како соработуваат.

Башким Селмани

-Ако некои партии долго соработуваат, тоа се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ бидејќи тие долго имаат криминал и сега знаат на кој начин да комуницираат меѓу себе – кај е потребно остро, кон другата страна уште поостро. Тоа е повеќе основна реторика отколку реалната состојба меѓу двете партии, порачува Селмани во разговор за „Локално“.

За тоа дали ќе соработува со „Огнената група“ или со ДУИ, Селмани вели дека ВМРО-ДПМНЕ има доста научено како се постапува и на кој начин треба да се коалицира.

-Затоа не се на власт. Да беа малку поотворени со капиталот, националните односи верувам дека ќе беше подобро и за ВМРО и за нас сите. Грешките што ги направи партијата доведоа до оваа состојба. Партијата знае да соработува бидејќи во партијата има стари пријателства и долги соработки. Во секоја партија има одредени групи кои долго време соработувале меѓу себе, па после комуницираат и зависи од улогата кој ќе биде победи на изборите, укажува соговорникот.

Бидејќи друга е реториката, а друга е реалноста, професорот потенцира дека токму затоа не се искрени нашите политички партии, без разлика дали се во опозиција или на власт.

-Не се фер кон граѓаните- ние кога ги гласаме го правиме тоа врз реторика и нивно убедуваење, а има одредени нивни тајни кои никогаш не ги кажуваат. ВМРО-ДПМНЕ има начини: да се прилагоди кон европските стандарди бидејќи таква е состојбата на Балканот и за да не остане сама. Треба да најде сили и да го промени мислењето во јавноста и меѓу коалициските партнери. На повеќето партии ги знаеме нивните идеологии дека повеќето од нив крадат и тоа е мислењето на граѓаните. Мора да размислат на економски план да размислат што да им понудат на граѓаните. Сите гласачи вака мислат, објаснува Селмани.

Берат Азизи

Според политичкиот аналитичар, Берат Азизи, Мицковски во последно време често вели нема да коалицира со ДУИ, но досегашната практика го потврдува спротивното.

-Мислам дека коалицирањето не зависи од желбите на партијата или на конкретниот случај од Мицковски туку зависи од бројките и од фактот да биде дел од власта. Ако на ВМРО-ДПМНЕ му се даде шанса да стане дел од владата верувам дека ќе направи коалиција со било која партија од албанскиот блок, вклучувајќи го и ДУИ. Друго е тоа ако ВМРО-ДПМНЕ успева да формира власт со други албански партии во иднина, вели тој за „Локално“.

Истакнува дека нападите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кон Груби не само што отвараат можност да влезе на преговори со „Огнената група“ која не се знае како ќе дејствува.

-Ако оваа група ќе излезе од ДУИ тогаш ќе имаме нова политичка состојба во државата и во албанскиот блок. Оваа ќе доведе до нова коалиција не само со политичките партии од македонскиот блок, туку и кај албанскиот блок. До сега политичките случувања во Северна Македонија ни ја потрвдија тезата дека кога се работи за власта сите се пишманат и ќе најдат некое образложение дека мора да бидеме дел од власта поради ЕУ, сакајќи да избегаат од актуелните теми како што е економската криза, масовното бегање на младите кон Европа, енергетската криза, и други проблеми. Пример е АА, која стана дел од власта завземајќи местото на Алтернатива и тука не гледам ништо друга освен желба да стане дел од власта, смета Азизи.

Аналитичарот порачува дека уставните измени се клучни за Северна Македонија, но не верува дека Мицкоски може да стане без коалициски партнер.

-Прво ако не поминат уставните измени и ако ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство, тогаш ќе ја формира владата со било која политичка партија на Албанците и тука мислам дека сите можат да седнат на таа маса, поради фактот дека за уставните измени треба да гласат и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Од другата страна меѓународниот фактор не треба да бара од политичките партии на Албанците да гласат за уставните измени кога нивниот став е многу јасен. Тие треба да бараат и да разговарат со ВМРО –ДПМНЕ за да гласат за уставните промени бидејќи за ова треба 80 гласа. Моментално ЕУ треба да се сврти накај ВМРО за да ја убеди, а од другата страна да ветуваат дека борбата против корупцијата и криминалот ќе продолжат без компромис и без разлика која партија ќе биде на власт, ни рече Азизи.

Н.П.

Слични содржини