Џонсон: Путин ми се закани со ракетен напад пред почетокот на војната во Украина

од Stefanija Kuzmanovska
173 прегледи

Поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, изјави дека Владимир Путин му се заканувал со ракетен напад во необичен телефонски разговор пред почетокот на рускиот напад врз Украина.

Како што пренесува Би-Би-Си, Џонсон тврди дека Путин му рекол дека тоа ќе потрае „само една минута“.

Според поранешниот премиер, овој одговор дошол откако тој му рекол на Путин дека војната ќе биде катастрофална одлука, за време на телефонскиот разговор во февруари 2022 година.

Џонсон додава дека потоа го предупредил Путин дека нападот врз Украина ќе предизвика западни санкции и повеќе војници на НАТО на руските граници. Тој, исто така, истакнува дека се обидел да го смири рускиот претседател со тоа што му рекол дека Украина нема да се приклучи на Алијансата во скоро време.

„Во еден момент ми се закани велејќи – Борис, не сакам да те повредам, но на ракетата, ќе и треба само една минута …“. Но, од тонот со кој го кажа, би рекол дека само си поигруваше со моите обиди да преговарам со нив“, изјави Борис Џонсон.

Да потсетиме дека војната во Украина започна на 24 февруари 2022 година.

Слични содржини