🎥Основци во училишен двор пееле песна за Максим Димитриевски, од ЗНАМ порачаа дека никој не ги принудил и немало злоупотреба

На видеото објавено на социјалните мрежи може да се види дека децата ја пејат песната за градоначалникот која беше популарна за време на локалните избори минатата година

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук/Максим Димитриевски

Настан организиран во училишен двор во Куманово, првично најавен како велигденски хуманитарен концерт, предизвика бурни реакции во јавноста откако на социјалните мрежи се појави видео на кое деца во хор изведуваат песна посветена на градоначалникот Максим Димитриевски.

На видеото кое беше објавено најпрвин од пратеникот Оливер Спасовски, а потоа и самата СДСМ, може да се види дека децата присутни на концертот на игралиштето на училиштето во еден глас ја пеат песната „Максим Димитриевски“ која беше популарна за време на локалните избори минатата година.

Според најавите, програмата вклучувала настапи на ученици, танцови групи, како и гостувања на музички изведувачи. Организаторите, меѓу кои Советот на родители на училиштето, посочиле дека целта на настанот била собирање средства за ученици од социјално загрозени семејства. Средствата се обезбедувале преку доброволни донации, со намера да се поддржат хуманитарни цели.

Движењето За наша Македонија ги отфрли како лажни и злонамерни обвинувањата на опозицискиот СДСМ. Велат дека станува збор за хуманитарен настан и дека нема никаква принуда, злоупотреба на децата ниту, пак, каков било организиран партиски ангажман. Партијата која е дел од владејачкото мнозинство посочува дека целата организација на посочената хуманитарна акција била на родителите во соработка со естрадни уметници, водители, диџеи и аниматори кои, како што велат, се изразуваат на слободен стил. Во однос на песната што ја пееја децата, која стана популарна за време на изборната кампања за локалните избори, од ЗНАМ посочуваат дека се работи за авторска, а не за изборна песна.

„СДСМ, партија која со години ја злоупотребуваше секоја институција и секој јавен настан за свои партиски цели, денес држи лекции за наводни злоупотреби. Тоа е врв на лицемерие. Дополнително, јавноста секојдневно е сведок на наративот на СДСМ исполнет со конфликти, обвинувања и конструкции, кој ги доведе во отворени судири не само со политичките опоненти, туку и со медиумите, со новинарите и со самите граѓани. Граѓаните одамна ги препознаваат ваквите евтини манипулации и знаат дека вистината е на страната на оние кои работат чесно и во интерес на заедницата“, порачаа од партијата на Максим Димитриевски.