Британскиот крал Чарлс III ги угости лидерите од Западен Балкан и креативните индустрии пред самитот на таканаречениот „Берлински процес“, објави Прес Асосиејшн (ПА).
На кралот му се придружи премиерот Кир Стармер на специјален прием во центарот на Лондон за да се прослави успехот на креативните индустрии во регионот, каде што министерката за надворешни работи Ивет Купер им рече на гостите дека настанот е „знак за тоа колку владата ги цени односите на Велика Британија со Западен Балкан и со различните партнери што ги имаме во Лондон“.
Настанот, одржан во пресрет на самитот на лидерите од Западен Балкан, имаше за цел да ја прослави улогата што креативните индустрии, младите луѓе и граѓанското општество во Западен Балкан ја играат во поттикнувањето на регионалната соработка, културната дипломатија и инклузивниот раст. Ивет Купер им рече на присутните, на кои учествуваа дипломати, уметници и бизнис лидери, како и претставници на културата и младите: „Ова е нашата приказна“.
Кралот и премиерот разговараа со лидери од неколку земји, вклучувајќи ги премиерите на Албанија Еди Рама, на Косово Албин Курти, на Црна Гора Милојко Спајиќ, на Македонија Христијан Мицкоски, на Србија Ѓуро Мацуи и на Бугарија Росен Железков. Велика Британија последен пат беше домаќин на Берлинскиот процес, кој има за цел да промовира мир, безбедност и стабилност на Балканот и да поддржува партнерство и раст, во 2018 година.
Денес, Кир Стармер ќе биде домаќин на состанокот во година што е значајна за регионот, бидејќи се одбележува 30-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, 50-годишнината од Хелсиншкиот завршен акт и 80-годишнината од крајот на Втората светска војна и основањето на Обединетите нации. Справувањето со нелегалната миграција е една од главните теми.