Дел од родителите на настраданите во трагичниот настан во Кочани сведочат дека во изминатиот период преку социјалните мрежи им пристигнуваат пораки со заканувачка и недолична содржина, од кои некои веќе беа и јавно објавени. Заканите и навредите кулминираат овие денови, па на родителите им се закануваат дека ќе останат и без децата кои им се останати живи.
Верица Трифунова, мајка на трагично загинатата Моника Спасова објави повеќе слики од разговори, од кои се гледа како извесно ѝ испраќа вознемирувачки пораки.
* Родителите од Кочани официјално побараа непосредна средба со обвинителите
Претходно истото лице, испратило заканувачка порака кон друго лице на социјалните мрежи, во која и вели „Не јади го*на многу, немој да останеш без едно дете“. Во повеќе нејзини објави на социјалните мрежи, Трифунова апелира за помош од полицијата и централната власт.
Трифунова денеска порача и дека „ладнокрвни убијци се шетаат меѓу децата и младите…“.
„Да потенцирам ова е масовно убиство на 62 млади животи и над 200 може и повеќе трајно оштетени и полни со трауми млади и детски животи…За нас родителите да не зборувам“, нагласува меѓу другото мајката.
Се очекува реакција од МВР и Јавното обвинителство.