Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, жестоко ја критикуваше работата на Министерството за внатрешни работи во врска со случајот со дискотеката во Кочани, посочувајќи дека министерот Панче Тошковски сноси директна политичка и правна одговорност за настанот.
„БЕЗ ПАУШАЛНИ ОБВИНУВАЊА – САМО ПРАВНО АРГУМЕНТИРАНО! Вчера детално објаснивме зошто Градоначалникот на Кочани е одговорен за катастрофата, а денес продолжуваме со објаснување на одговорноста на Министерството за внатрешни работи“, напиша Апасиев.
Според него, МВР има законска надлежност во одобрувањето на угостителски објекти, како и дополнителни ингеренции за контрола на нивното работење, што значи дека е одговорно за пропустите кои довеле до трагичниот настан.
„Согласно член 21, став 1, алинеја 4 од Законот за угостителска дејност, Министерството за внатрешни работи издава СОГЛАСНОСТ дека објектот ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, вклучително и паркинг-просторот. Но, освен оваа изрична законска надлежност, министерот Тошковски и неговото Министерство имаат и дополнителни ингеренции во однос на контролата на угостителските објекти“, истакна Апасиев.
Тој ги наброи обврските на МВР кои, според него, не биле исполнети: Проверка на работното време на дискотеките. Проверка на употребата на пиротехнички средства. Контрола на нивото на бучава и гласност. Проверка за присуство на малолетници и точење алкохол. Проверка за евентуално присуство на наркотични супстанци
Според Апасиев, министерот Тошковски не може да се огради од одговорноста бидејќи токму за време на неговиот мандат била обновена лиценцата на дискотеката.
„Министерот за внатрешни работи е во јавноста познат како ‘адвокат на урбаната мафија’. И да не сте директно виновни, вие сте политички и правно одговорни, бидејќи токму во март 2024 година, во време кога вие сте министер, беше обновена фалсификуваната лиценца на овој објект. Затоа, смената на командирите и началниците на СВР и ОВР не е доволна. Тоа е жртвување пион за кралица! Потребно е да покажете доблест и да поднесете оставка од морални причини“, изјави Апасиев.
Тој додаде дека во овој случај нема место за политички компромиси и дека институциите мора да понесат одговорност за своите пропусти, за да се спречат слични трагедии во иднина.