📸 Редовно некој пука и убива животни, но истрагите на МВР тапкаат во место

од Илинка Илиоска
333 прегледи

Минатиот месец, Биљана Апостолова-Бибиќ доживеа голем шок кога во дворот на семејната куќа ги пронајде своите миленици, кучето Круна и мачката Мариче, усмртени од огнено оружје.

„Кога дојдов дома, наместо радосниот поздрав од моите миленици, наидов на кошмар – Круна и Мариче лежаа неподвижни, а на нивните тела имаше видливи рани од куршуми“, раскажа Биљана за „Локално“. Нејзината мајка веднаш повикала полиција и го пријавила случајот, но иако неколку полициски екипи дошле на местото на настанот, ниту една не ги зела телата на животните за обдукција. Затоа не се знае ниту со каква пушка пукал и какви куршуми користел убиеццот.

Биљана, која повеќе од една деценија се грижела за мачката Мариче, раскажа дека таа била дел од семејството.

„Мариче беше стара, пред 18 години како мало маче се појави во нашиот двор и остана засекогаш во нашите срца. Живееше слободно, внатре и надвор, како ќе посакаше. Беше вакцинирана, стерилизирана, и многу сакана. Знаев дека еден ден ќе мора да се простам од неа, но не вака. Мислев дека кога ќе дојде нејзиниот крај, ќе биде во мојата прегратка, гледајќи ме во очи, со чувство на сигурност. Не можам да ја прифатам оваа суровост.“

Кучето Круна, исто така имало своја приказна. „Круна дојде во нашиот двор пред околу четири години, барајќи храна. Беше многу мала и слаба, со исечено опавче, и видливо трауматизирана. Преплашена, се плашеше од сè, но јас бев трпелива и полека ја добивав нејзината доверба. Се сеќавам на денот кога ме лижеше по рака и легна на грб за да ја галам. Тој момент никогаш нема да го заборавам. Мислев: ‘Со љубов, сè е можно’. Сега сум скршена од болка и бес“, споделува Биљана.

Таа истакна дека и покрај трагедијата, куршумите не ја убиле нејзината љубов кон животните, но сега се чувствува небезбедно во сопствениот дом и очекува надлежните институции, полицијата да го најде и казни сторителот.

„Во нашата куќа и дворот често си играат децата на мојот брат и нивните другарчиња. Како да се чувствуваме безбедни кога некој е способен вака ладнокрвно да убие невини животни?“

Јавното обвинителство за „Локално“ потврди дека дежурен јавен обвинител бил известен телефонски за настанот, а увидот го вршеле екипи на МВР. Но, до денот кога го добивме одговрот, не била доставена кривична пријава до Обвинителството.

Од полицијата на прашањата на „Локално“ зошто животните не биле земени за обдукција, дали на тој начин истрагата е компромитирана? Каква е вообичаената постапка кога се врши увид за убиено животно за разлика од убиен човек, а е користено огнено оружје и дали има осомничен, добивме одговор кој гласи:

„Од страна на Р.А. (76) од Скопје, во ПСОН ‘Ѓорче Петров’, било пријавено дека во дворот од нејзината куќа, од страна на непознато лице е пукано кон нејзините домашни миленици (куче и мачка), при што истите се усмртени. Од страна на полициски службеници од ПСОН ‘Ѓорче Петров’, Единицата за насилен криминал и Единицата за увид на место на настан е излезено на терен. Според законската надлежност на Министерството за внатрешни работи, преземени се мерки и активности и известен е Јавниот обвинител.“

Од МВР дополнуваат дека во случаи на насилна смрт или смрт предизвикана од отров кај животни, обдукцијата ја вршат ветеринарни установи, а трошоците за неа ги покриваат сопствениците или активистите. Ветеринарната установа, според нив, треба да ја достави целата документација до надлежната полициска станица за понатамошна истрага.

📸 Масовно труење на мачки и домашно куче во скопско Козле, полицијата не реагира, трујачите не престануваат

Ваквиот одговор предизвика негодување кај ветеринарите со кои разговараше „Локално“. Тие укажуваат дека сопствениците на животни се оставени сами на себе и често, заради ваквите закони, се принудени да преземат дел од истрагата, што може несвесно да доведе до компромитирање на доказите. Велат, дека во случај на убиство на животно полицијата по службена должност треба да ги однесе телата на обдукција.

„Дури, во случај на труење, сопствениците понекогаш го ризикуваат својот живот, бидејќи без полициска и стручна асистенција ги транспортираат телата на животните за обдукција со што постои можност и тие да го допрат или вдишат отровот“, додаваат ветеринарите.

Сличен случај и денес ја шокираше јавноста, кога здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ објави дека во Визбегово психопат пука по миленици со воздушна пушка, предизвикувајќи страдање и смрт.

„Со ова оружје може да се осакати и убие човек, дете или животно, и никој не е безбеден на улица. Бараме максимална посветеност на МВР и вештачење на куршумите за да се открие и фати сторителот“, велат од здружението.

„Ваквите дела не смеат да останат неказнети. Општеството мора да ги препознае како сериозна закана, бидејќи злоставувањето на животни е еден од знаците на идни сериски убијци и криминалци“, предупредуваат од „Анима Мунди“. Тие најавија иницијатива за измена на Кривичниот закон, со која бараат драстично зголемување на санкциите за вакви дела, воведување на нови форми на кривична одговорност за мачење животни, како и создавање на регистар на лица кои на кој било начин злоставувале животно.

И.И.

Слични содржини