📸 Рускиот волонтерски корпус планирал да го ослободи Навални од затвор?

од Stefanija Kuzmanovska
385 прегледи

Германскиот таблоид „Билд“ објави дека Рускиот волонтерски корпус (РДК), единица составена од Руси кои се борат на украинската страна против трупите на претседателот Владимир Путин, планирал да го ослободи опозицискиот лидер Алексеј Навални и да го пренесе на источната граница.

Наведено е дека планирале да го сторат тоа со напад на конвојот кој го превезувал Навални во затворот „Поларен волк“, казнена колонија официјално наречена ИК-3 која се наоѓа на 1.900 километри од Москва.

„Билд“ пренесува објава на РДК на социјалните мрежи во која се опишува дека планот бил борците на корпусот да го извлечат Навални од конвојот за транспорт на затвореници до ИК-3 во автономниот округ Јамало-Ненец и од таму веднаш да го префрлат на границата со Украина.

Веднаш по нападот тие планирале да се упатат кон Украина, каде што ќе се приклучеле на разузнавачката група РДК, а потоа ќе бил побаран азил за Навални. Овие антипутински сили наводно имаат симпатизери во рускиот затворски систем, но ниту тие не биле доволни за да се спречи разоткривањето на намерата.

„Билд“ пишува дека руските власти вовеле мерки во затворскиот систем за да спречат такво сценарио и тие биле многу ефикасни.

„Датумот и времето на префрлањето во затворската колонија беа поместувани неколку пати, а кога конечно почна трансферот, групата немаше време да стигне до просторот планиран за извршување на оваа операција“, навеле од РДК.

Беа објавени и неколку слики на кои наводно Навални се наоѓа на преодниот пункт од каде што требало да биде префрлен во „Поларен волк“.

Во едната е виден во затворската кројачница, а во другата во канцеларијата на затворскиот управник.

„За жал, не успеавме да го спасиме Алексеј. Но, се уште има стотици политички затвореници без слобода. Веруваме и работиме на овој или оној начин да ги извадиме од канџите на режимот“, порачаа од РДК.

Слични содржини