📽 Ќерката на Путин: Најголемата вредност за руското општество е човечкиот живот

од Stefanija Kuzmanovska
361 прегледи

Ќерката на Путин, Марија Воронцова даде интервју за Medtech.Moscow, односно „Московскиот центар за иновативни технологии во здравството“. Станува збор за проект на владата во Москва кој има малку претплатници на Јутјуб и Телеграм, пишува руската веб-страница Agentstvo.

Интервјуто било објавено на 16 декември.

Иако ја пофали Русија како хумана земја, невообичаено е Марија да излезе во јавноста бидејќи ќерките на Путин речиси никогаш не се појавуваат во медиумите.

Познато е дека рускиот претседател беше во брак со Људмила 31 година и дека со неа има две ќерки, Марија и Екатерина или Катарина. Тие долго време се криеја од јавноста, а единственото нешто што Путин го призна пред неколку месеци е дека двете ќерки живеат во Русија и не се јавни личности. Тој рече и дека неговите ќерки не се занимаваат со политика или бизнис и дека имаат свои кариери кои успешно ги развиваат.

Марија е постара и е родена во 1985 година. Студирала биологија на Државниот универзитет во Санкт Петербург и медицина во Москва. Таа до пред неколку години живееше во Холандија, недалеку од Хаг, со својот партнер, холандскиот бизнисмен Јорит Фасен.

Не го спомна Путин
Во интервјуто таа зборуваше за вештачката интелигенција, третман со матични клетки, здрав начин на живот и спорт, како и за нејзините интереси за литература и музика. Рече дека Русија е „општество насочено кон човекот“.

„За нас најголема вредност е човечкиот живот. Русија е хумано општество“, изјави Марија, која по професија е ендокринолог.

Ќерката на претседателот ја нарече својата професија хоби: „Дури и во слободно време читам научна или медицинска литература“.

„Мојот најголем сон како ендокринолог е да го видам денот кога барем некои болести ќе се излечат, а како научник да дознаам од каде потекнува животот“, додала таа.

Во ниту еден момент не беше споменато дека таа е ќерка на Путин, пишува The Moscow Times. Тие наведуваат и дека Марија своите написи за ендокринологија ги објавувала во Америка пред избувнувањето на војната во Украина и дека продолжува да ги објавува во Швајцарија. Нејзината последна статија била објавена во април 2023 година.

Слични содржини