Порастот на нивото на океанот се заканува да ја проголта малата островска држава Тувалу длабоко во Пацификот. Затоа, оваа година Австралија почна на државјаните на Тувалу да им издава „климатски визи“ и други погодности. Дали тоа е преседан и за многу други делови на светот сериозно загрозени од климатските промени?
Тувалу е една од најмалите држави на светот – ја сочинуваат само девет острови и атоли во јужниот Пацифик, со вкупно површина од околу 26 квадратни километри. Главен град е Фунафути, каде што живее половината од 10.000-то население на Тувалу. Фунафути е атол, односно прстенесто корално острово со лагуна во средината. Дури 91% од населението на Тувалу се протестантски христијани – калвинисти.
Тувалу е сериозно загрозен – поради бавното, но сигурно покачување на океанот предизвикано од климатските промени, сѐ почесто доаѓа до поплави.
Научниците предупредуваат дека поради глобалното затоплување, целата површина на Тувалу би се нашла под вода во следните 35 години. А тоа е суштинска закана за земјата во која 70% од населението е на возраст помеѓу 15 и 64 години.
Секој трети се пријавил за климатска виза
Затоа, секој трет жител на островот веќе се пријавил за првата климатска виза на светот, со која се добива можност за трајно населување во Австралија, чиј источен брег е оддалечен 3.000 километри од Тувалу.
За разлика од поголемиот дел од визите, кои се сврзани со работа или студирање, климатската виза овозможува слободно движење без обврски. Тоа значи дека луѓето од Тувалу може да отидат во Австралија да работат, да ги школуваат своите деца или едноставно да живеат безбедно.
Кој има право на австралиската еколошка виза?
Секоја година со тајно гласање се избираат 280 лица што ги исполнуваат следниве обврски: имаат најмалку 18 години, имаат пасош на Тувалу, родени се на Тувалу или имаат родители или баби или дедовци што се родени таму.
Пријавувањето за визата е отворено и за лица со инвалидитет, хронични болести или посебни потреби – овие категории досега често беа исклучени од другите визи за Австралија.
Оние што имаат државјанство на Нов Зеланд не може да учествуваат во лотаријата, во која приоритет се дава на луѓето што немаат друг излез.
Досега 3.000 луѓе од Тувалу се пријавиле за првата рунда визи, што значи дека некој би можел да ја дочека визата и по 10 години. Сепак, договорот предвидува бројот на успешни одговори да се зголеми, ако биде потребно.
Тувалу останува суверена држава – дури и ако потоне.
Реагирајќи на апелот на Тувалу за помош, Австралија во август 2024 година ја потпиша спогодбата Фалепили, која опфаќа соработка за климатските прашања, достоинствена мобилност и заедничка безбедност.
Оваа година на сила стапи „специјалниот канал за мобилност“, кој на државјаните на Тувалу им дава право на неограничен број патувања помеѓу двете земји. Исто така, беше воведена и погореспоменатата климатска виза.
Постојаниот престој носи придобивки како што се субвенционирано образование, здравствено осигурување, осигурување за лица со инвалидитет, даночни повластици за семејства, додаток за детска грижи и надоместоци за млади.
Во случај на голема природна катастрофа, здравствена криза или оружен напад, Австралија се обврзува да пружи помош на Тувалу.
Договорот меѓу двете земји ја признава „длабоката културна и историска поврзаност на жителите на Тувалу со земјата и морето“ и го гарантира зачувувањето на државноста и суверенитетот дури и ако земјата стане непогодна за живеење.
Тувалу е поранешна колонија на Велика Британија, која стекна независност во 1978 година и позната е и под името Острови Елис. Тувалу е парламентарна демократија и членка на британскиот Комонвелт, со Чарлс III како крал. Но, бидејќи тој е многу далеку, него го претставува гувернер, кого што кралот го именува по препорака на премиерот на Тувалу.
Климатски мигрант не е исто што и бегалец
Камал Амакране од Глобалниот центар за климатска мобилниост на ОН оценува дека договорот Фалепили е „историски напредок“ оти не ги третира луѓето како класични бегалци, туку им овозможува достоинствена подготовка и слободна волја за тоа дали сакаат да имигрираат во Австралија.
Сепак, поголемиот дел од луѓето и понатаму сакаат да останат на островот.
„Луѓето не сакаат да го напуштат местото што го нарекуваат свој дом. Затоа, прашањето е како да им се помогне да останат, ако е тоа воопшто можно?“, вели Камакране.
Загрозени се и други држави – острови
Најголемиот дел од 80% од миграциите во светот помеѓу 2008 и 2018 година предизвикани од климатските промени, се случиле токму во азиско-пацифичкиот регион, во чие средиште е Тувалу. Но тука се и Маршалските Острови, Кирибати и Малдивите.
САД со години имаат слични договори со Микронезија, Маршалските острови и Палау – но со поограничен пристап до јавните услуги.
Државите главно реагираат дури откако ќе настапи климатската криза. На пример, Аргентина во 2023 година воведе хуманитарна виза за луѓе во Јужна Америка погодени од климатските промени, но само откако морале да ги напуштат своите домови.