Бизнисмените и инвеститорите бараат разјаснување на идните односи со ЕУ, пишува „Фајненшл тајмс“

од Vladimir Zorba

timthumb (3)

Британските бизнисмени и странските инвеститори бараат од Владата на премиерката Тереза Меј  разјаснување околу идните односи на Велика Британија и Европска унија, пишува „Фајненшл тајмс“, пренесе а1он.

Весникот  забележува дека во сегашната ситуација, домашниот и странскиот бизнис се соочува со период на неизвесност, која сметаат дека треба што е можно поскоро да се надмине.

Бизнисмените и инвеститорите настојуваат да разберат какви се плановите на Лондон по референдумот на кој мнозинствотио Британци се определија за напуштање на Унијата.

Во текот на кампањата за Брегзит, оние кои заговараа заминување од ЕУ, уверуваа дека Велика Британија нема повеќе да биде членка, но дека ќе остане дел од заедничкиот пазар на Унијата, посочувајќи го моделот на односите кои ги имаат Норвешка или Швајцарија.

Откако стана јасно дека тоа бара од Велика Британија да ги почитува правилата на ЕУ, за слободното движење на луѓето и на работната сила, како и дека Брисел нема намера да попушта околу тоа, Лондон почна да трага по некоја нова формула.

Премиерката Меј посочи дека блокирањето на слободното движење за работната сила од ЕУ,  е „црвената линија“ од која Велика Британија нема да отстапи „по која било цена“.

Министерот задолжен за преговорите со Брисел околу раздружувањето, Дејвид Дејвис, кој е евроскпетик и агитираше за излез од ЕУ, сега заговара Велика Британија да се повлече и од заедничкиот пазар.

Наместо останување на „мала врата“ во ЕУ, конзервативците кои беа за Брегзит сега зборуваат за претворање на Велика Британија во глобална сила за слободна трговија, обвинувајќи ја Унијата дека немала храброст да се определи кон тоа.

Набљудувачите во Лондон, како и претставниците на бизнисот и инвеститорите, сметаат дека новата британска Блада се уште не знае што сака да постигне од преговорите со Брисел за раздружување, па затоа и го оддолжува нивниот почеток за идната година.

Британските медиуми откриваат дека постои разногласие меѓу министрите во Владата околу иднината на британско-европските односи, а различните изјави што ги даваат Меј, Дејвис и другите министри навестува дека Владата, сепак,  нема никаков план како да го изведе Брегзит.

Според „Фајненшл тајмс“ тоа ги плаши и домашните и странските инвеститори, како што веќе ги загрижува оние кои беа за напуштање и оние кои се уште се за останување на земјата во ЕУ.

Слични содржини