Џенерал Моторс планира да лансира десет модели на електрични автомобили во Кина до 2020 година

од Vladimir Zorba

Корпорацијата Џенерал Моторс (ГМ) планира да лансира десет електрични и хибридни возила со погон на бензин и електрична енергија во Кина до 2020 година, соопшти директорот на фирмата, додека производителите на возила го забрзуваат производството на алтернативни возила под притисок на Пекинг да ја промовираат таа индустрија.

ГМ ќе почне производство на модел кој се движи само на електрична енергија во Кина во рок од две години, изјави директорот на ГМ Кина, Мат Циен, на саемот за автомобили во Шангај.

Тој рече дека ГМ очекува годишна продажба од 150.000 електрични и хибридни автомобили во Кина до 2020 година и дека евентуално ќе надмине 500.000 возила до 2025 година. Форд Мотор, Фолксваген, Нисан Мотор и други автомобилски компании објавија агресивни планови на производство и продажба на електрични возила во Кина, најголем пазар на автомобили во светот, според бројот на продадени возила. Минатата недела ГМ ја објави хибридната верзија Шевролет Волт, која ќе биде произведена во Кина и продавана во рамки на нејзината марка Бјуик.

Кинеската комунистичка влада има најамбициозни цели за користење на електрични автомобили во светот, со надеж дека тоа ќе придонесе за намалување на загаденоста во нејзините градови и дека ќе го преземе водството во таа индустрија која настанува.

Кинеските регулатори вршат притисок на странските производители на возила да помогнат во развојот на таа индустрија.

Слични содржини