DW: Скопје и Белград градат „специјални односи“

од desk2

Додека македонските односи со Грција, Бугарија и најново со Албанија се речиси ‘на мраз’, со Белград цветаат и се повеќе од срдечни. Така е сѐ од 2006 година кога на власт дојде ВМРО- ДПМНЕ“, констатираат аналитичари за DW.

„’Скопје 2014′ на Вардар“ + „Белград на вода“ = гола вода“ или „Србија доби Груевски на квадрат“ се дел од коментарите на социјалните мрежи во Македонија по победата на Александар Вучиќ на претседателските избори во Србија. Авторите очигледно сакале да кажат дека нема разлика меѓу популизмот што владее во Македонија и нејзиниот северен сосед. Сепак, нивните ставови остануваат во сенка на честитката што претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, ја испрати до новиот српски колега. Во неа изрази задоволство од развојот на билатералните односи и уверување дека заедно ќе придонесат за уште поуспешна соработка во градењето добрососедски односи, регионална стабилност и интегрирање во ЕУ.
„Традиционалното пријателство, историските и особено меѓучовечките врски се огромен потенцијал што треба со заеднички напори да го ставиме во функција на зајакнување на меѓусебната доверба и интензивирање на севкупната соработка. Дозволете ми, господине Вучиќ, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување“, се вели во честитката од македонскиот претседател.

Идентичен популизам

Меѓу македонските политички аналитичари нема дилема дека победата на Вучиќ е добра вест за десницата во Македонија, која власта ја одржува преку сличен популистички инструментариум, како и довчерашниот српски премиер. Односите меѓу двете земји се сметаат за добри, без отворени прашања, со исклучок на непризнавањето на МПЦ од страна на СПЦ, кое српските власти го третираат како проблем „надвор од нивна надлежност“. Во сферата на бизнисот односите се темалат на добри намери и ненапишани стратегии. Горан Рафајловски од Стопанската комора на Македонија вели дека во време кога глобализацијата го зема својот замав, а со тоа и данок, Македонија и Србија иднината треба да ја гледаат во здружување на своите ресурси.
„Само така е можен развој и отворање на нови трети пазари, кои се многу значајни и за двете земји и за целиот регион. Излегувањето на тие пазари не е лесно и потребни се сериозни средства кои нашите компании во овој момент ги немаат. Изработката на стратегиска програма за развој на регионот ќе овозможи голем број на компании да се здружат, да направат вистински пробив, а со тоа да се ослободат од стегите на националните економии“, оценува Рафајловски.

Првиот чекор е направен во февруари годинава. Формирани се Македонско-српски и Српско-македонски деловен совет во рамките на стопанските комори на Македонија и Србија, предводени од Живко Мукаетов, генерален директор на македонската фармацевтска компанија „Алкалоид“ и Миле Коциќ, сопственик на српската прехранбена индустрија „Јумис“. Деловните совети треба да бидат логистичка поддршка за компаниите од двете земји, да работат на овозможување заеднички настап на трети пазари и на унапредување на трговската размена меѓу Србија и Македонија, која годишно изнесува околу 700 милиони долари.

Авторитарни тенденции

„Леб, антидепресиви и пропагандистички игри“, беше еден од коментарите на оваа вест, со намера да укаже на сличноста од она што се случува на политички терен во двете земји. На тоа се осврнува и Лилјана Јаковлевска, новинар и добар познавач на македонско- српските односи.
„Евтиниот популизам кој во комбинација собаучот од `македонизација на Србија` беше една од главните пораки во кампањата на Вучиќ, вроди со плод кај избирачите осиромашени и уплашени од нови конфликти. Проаѓајќи долг изборен пат од ‘Не го даваме Косово’ до ‘Не ја даваме Македонија’, Србија го затвори кругот и се врати на позициите кои многу потсетуваат на времето на Милошевиќ. ‘Македонија треба да се ослободи од Шиптарите кои работат на создавање Велика Албанија и да се обединат со православието’, беа дел од пропагандните пораки во предизборието во Србија, кои потврдуваат дека Белград и Скопје создаваат некакви ‘специјални врски’, на сметка на другите соседи“, укажува Јаковлевска.
Таа смета дека досегашната тенденција за авторитаризација на системот веројатно ќе продолжи, и само од српската опозиција зависи дали ќе може да се спротивстави на тоа.
„Вучиќ, исто како и Милошевиќ и Путин, власта ја носи со себе. Србија доби `татко на нацијата`, уште треба да го одбере својот Медведев. Идниот премиер секако ќе биде лојален на новиот претседател, без разлика дали е од редовите на неговата партија или непартиски кандидат. Оттука, тешко е да се очекува промена во односите меѓу Србија и Македонија, барем не додека не се разреши длабоката македонска криза. Пренесувајќи го наводниот став на Путин, Вучиќ всушност призна дека тој не сака во Македонија да види власт меѓу СДСМ и ДУИ. Режимот на Груевски е нивната добитна комбинација. Додека македонските односи со Грција, Бугарија и најново со Албанија се речиси ‘на мраз’, со Белград цветаат и се повеќе од срдечни. И така е се од 2006 година кога на власт дојде ВМРО- ДПМНЕ“, констатира Јаковлевска.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини