Германија сака “добра зделка” од преговорите за Брегзит

од desk3

Германската  канцеларка Ангела Меркел изјави дека сака “добар договор” како за Велика Британија, така и за ЕУ, на започнатите преговори за Брегзит во Брисел, пренесоа агенциите. Таа додаде дека Брисел треба да остане единствен за време на разговорите, да ги разбере желбите и очекувањата на Лондон, но пред се треба да ги брани интересите на заедницата.

“Денес ние почнуваме преговори за методично излелегување на Велика Британија од ЕУ”, изјави главниот преговарач од страна на ЕУ, Мишел Барние при пречекот на британскиот министер за Брегзит Дејвид Дејвис во седиштето на Европската комисија во Брисел. Тој исто така додаде дека очекува спроведување на едни “конструктивни” разговори со својот соговорник. Од своја страна Дејвис потврди дека ќе се обиде да постигне “силно и специјално партнерство” со ЕУ. Според британските медиуми Лондон веќе дава сигнали дека капитулира по едно од барањата на Брисел, имено преговорите да започнат со фокус на три основни поени, пред да се започне со разговорите за нов трговски договор. Тоа се прашањата за износот што Велика Британија треба да го плати за излегувањето од заедницата (висина од околу 100 милијарди евра), правата на трите милиони европски граѓани што живеат на Островот, и едниот милион Британци во Европа, како и статусот на границата меѓу Северна Ирска и Ирска.

Во позадината на започнувањето на преговорите многумина се загрижени дека премиерката Тереза Меј нема реална стратегија за нивното водење, со оглед на тоа што е оптоварена  од внатрешните проблеми и најмногу од притисокот врз неа да склучи што е можно побрзо договор за политичка поддршка со една од северноирските партии .

Слични содржини