Ќе се урива кованата ограда околу Владата

од desk2

Оградата околу Владата на Република Македонија ќе се урива, а ова прашање на дневен ред ќе биде ставено на седницата денеска.

Ќе треба да се утврди како е градена оградата, како ќе се урива, со цел да се отвори просторот околу владината зграда.

Заев побара портите да бидат целосно отворени до уривање на оградата, а целта е околу владината зграда да се отвори просторот кој ќе биде слободен за движење на граѓаните.

Прашан што ќе се случи со најавата за уривање на оградата и отстранување на новиот мебел во Владата, Заев пред конференцијата „Жени во енергетика“ што денеска се одржува во Скопје, рече дека имаат намера да ја направат Владата отворена за граѓаните и тоа секој ден, а не само на отворениот ден за граѓаните.

 

– Одлуките за оградата на Владата и за мебелот ќе ги носиме соодветно на нашите согледувања. Мораме да видиме што значи согласно Законот за јавни набавки отстранување на порти или огради. Бетонските столбчиња може да се направат убави клупи за седење, а металните огради да бидат добар покривач на клупите, но да видиме што ќе кажат архитектите и инженерите. Нашата намера и интенција е да ја отвориме Владата за сите. Верувам дека тоа е објект каде граѓаните треба слободно да пристапат, да комуницираат и да бараат информации, како и да даваат сугестии. Владата треба да биде практично цело време отворена, а не само на отворен ден за граѓаните, рече Заев и нагласи дека од викендов портите на Владата се веќе отворени.

 

Оваа ограда беше поставена во септември 2015 од скопската градежна компанија „Бауер БГ“ и чини 700 илјади евра.

Слични содржини