Босанскиот министер за надворешни работи Игор Црнадак изјави денеска дека БиХ нема да ја признае независноста на Косово, ниту пак ќе го разгледува ова прашање до крајот на мандатот на актуелниот Совет на министри. Реакцијата доаѓа откако косовскиот премиер Рамуш Харадинај ја повика Босна да го признае Косово.
– Босна и Херцеговина нема да го признае Косово, не поради ставот на Бошњаците или Хрватите, туку поради ставот на претставници на Република Српска, како од власта така и од опозицијата. Во врска со ова прашање ние сите сме единствени и нема никакви шанси оваа состојба да се смени, изјави Црнадак, кој е еден од српските претставници во босанската Влада, за српската новинска агенција Танјуг.
Босанските Срби ставија вето на можноста БиХ да ја признае независноста на Косово, и до денес односите меѓу двете земји се на ниско ниво, со потешкотии во трговијата и движењето на луѓе. Харадинај побара како прв чекор Босна да ги признае барем косовските патни документи, за да може да се олесни патувањето меѓу двете земји./МИА