Mожна војна во Каталонија?

од desk2

Вознемиреност кај дипломатите на Европската унија по изјавата на комесар на ЕУ од Германија.
Капитенот на шпанскиот фудбалски клуб Барселона, се најде во центарот на сецесионистичкoто движење во Каталонија со повикот Мадрид да пристапи кон преговори за иднината на регионот.

„Пред да направиме поголема штета, треба да се отвори дијалог. Сторете го тоа за сите нас. Заслужуваме да живееме во мир“, напиша Андрес Иниеста на неговата Фејсбук страница, истовремено извинувајќи се што се вклучува во „толку сложена ситуација“.

Неговиот повик дојде откако виш претставник на Европската унија, предупреди дека по референдумот постои ризик сепаратистичкиот спор да ескалира во вооружен конфликт.

„Многу е алармантно. Граѓанска војна е можна овде, среде Европа“, рече Гинтер Отингер, германски комесар во ЕУ на настан во Минхен.

Шпанскиот премиер, Мариано Рахој, се закани дека ќе ја суспендира полу-автономијата на Каталонија и ќе ја стави Каталонија директно под централната власт од Мадрид. Тој вели дека не може да има разговори, се` додека сепаратистичките водачи на Каталонија се закануваат со унилатерално прогласување независност.

Каталонските активисти објавија видео на интернет во кое се видат шпански воени камиони во североисточниот регион на државата. Некои од камионите изгледаат како транспортери на тенкови, но без тенкови на нив.

Националистичкото расположение брзо се шири. Во Мадрид на поголем број згради може да се види шпанското национално знаме.

Шпанците имаат историски страв од можен распад – каталонските националистички чувства беа клучен фактор зад шпанската граѓанска војна во 1930-тите.

Друг проблематичен момент може да биде собирот планиран за сабота во Барселона, во организација на Каталонци кои се против независност и кои сакаат да ја изразат својата лојалност кон Мадрид. Тие ги обвинуваат сепаратистите тврдејќи дека локалниот закон за одобрување на референдумот бил усвоен со тесно мнозинство во регионалниот парламент и без соодветна дебата.

Додека двете страни се обвинуваат меѓусебно, поранешниот премиер на Шпанија, Хозе Марија Азнар, кој беше на функцијата од 1996-2003-та година го критикуваше раководството на Рахој за „несоодветно“ справување со кризата. Тој бара од него да направи напор за наоѓање на мирољубиво решение.

Азнар исто така ги критикуваше и каталонските сепаратисти, велејќи дека тие ја уништуваат 40-годишната демократија која уследи по смртта на генералот Франциско Франко, но додаде дека централно-десничарската влада на Рахој не успеала да ја разбере „националистичката динамика“ која сецесионистите ја користат да разгорат лутина./VOA

Слични содржини