Случајот Транспортер е политички монтиран процес за битолскиот градоначалник, но ќе доаѓа редовно на обвинителна клупа за да докаже дека во неговата општина немало криминал со превозот на ученици. Владимир Талески вели дека во обвинението нема податоци дека во Битола се плаќало поскап превоз и од Токио, како што СЈО објави кога ја отвори истрагата и ако грешеле во Битола, грешки со превозот на ученици имало во цела Македонија.
„Кој бил најскап превоз? Гледам дека тоа е интересно но во обвинението нема такво нешто, а што се однесува до Токио може да проверите. Изминативе години Битола има поевтин превоз и од Струмица и од Куманово. Проверете го, ќе ви го кажам во проценти. Едната е 84% поскапа општина а другата е 104% поскапа општина“, рече Владимир Талески- градоначалник на Битола.
Талески и останатите дваесет обвинети во Транспортер речиси еден час чекаа да се испразни судската сала во која претходно му се судеше на поранешниот премиер Никола Груевски и останатите за Шамарите во Центар. Но, штом почна судскиот процес веднаш беше и одложен за една недела поради отсуство на обвинета која не добила покана за рочиштето.
Адвокатите на Талески вчера доставија и нови докази, но за што се работи никој не сакаше да открие.
Истрагата за транспортер СЈО ја објави во април минатата година. Според обвинението од 2009 до крајот на 2014-та во Битола се вршела злоупотреба на законот за јавните набавки, а била направена штета од 360 илјади евра за две години.
Талески и неговиот најблизок соработник и претседател на комисијата за јавни набавки Слободан Бончановски преку општинската каса дозволиле да се наплатат фактури на превозниците по сума повисока од договорената.
Во меѓувреме и битолското обвинителство отвори предистражна постапка за злоупотреба на превозот на ученици за периодот кога СЈО веќе ги објави сомнежите за Транспортер.