Помош од Русија за поплавените

од Vladimir Zorba

timthumb-6

Помош составена од мобилни дизелни и бензиски генератори со моќност од 5 до 120 kW, специјални пумпи и пумпна опрема, ќебиња, конзерви од риба и месо од Руската Федерација за поплавените денеска беше предадена на Дирекцијата за заштита и спасување на Република Македонија.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу на примопредавањето изрази благодарност за хуманитарната помош од Руската Федерација.

– Помошта се состои од повеќе материјално-технички средства и опрема, како шест агрегати меѓу кои и еден со моќност од 120 kW што може да осветли помал град. Исто така, добивме 20 пумпи за исцрпување вода, ќебиња и многу конзервирана храна за загрозените подрачја, изјави Салиу.

Посочи дека помошта ќе биде од голема важност за идно справување со елементарни непогоди.

Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија Олег Шчербак рече дека помошта е одговор на барањето на македонските власти за помош за надминување на последиците од страшната поплава што го зафати Скопскиот регион и резултат на меѓусебната ефикасна соработка.

– Живееме во многу тешко време, кога се почесто се соочуваме со елементарни непогоди и технолошки катастрофи. Сето тоа бара човечка солидарност и обединување на сите напори за превенција и справување. Русија има големо искуство во справување со елементарни неопходи и секогаш сме подготвени да ги споделиме нашите знаења, искуства и технологии со сите наши партнери и членови на меѓународната заедница. Русија, иако во август и септември и самата беше погодена од елементарни непогоди во централниот и источниот регион позитивно одговори на барањето за помош на пријателската и блиска за нас Република Македонија, изјави Шчербак.

Посочи дека и руските компании во Македонија, како и вработените во Руската амбасада во Скопје се одѕваа на повикот за помош и донираа средства и помош на Дирекцијата за заштита и спасување.
Хуманитарната помош со тежина од 40 тони е доставена со специјален автомобилски превоз на Министерството за цивилна одбрана, вонредни состојби и отстранување на последиците од елементарни непогоди на Руската Федерација и е наменета за справување со последиците од поплавата во Скопскиот регион и за засилување на капацитетите на службите за кризно реагирање./a1on

Слични содржини