Продолжуваат активностите на штабот за заштита и спасување на Град Скопје

од Vladimir Zorba

timthumb (8)

Во текот на попладневните часови од вчерашниот ден /06.08.2016 година, сабота/ Скопје и скопската котлина беа зафатени со силно невреме составено од обилни врнежи на дожд и ветар со голема брзина кои предизвикаа поплави и други проблеми во главниот град.

Како резултат на поројните дождови, предизвикани се поплави на повеќе локации, како што е клучката кај Хотел Континентал, подвозникот на булевар „Србија“, дел од булеварот „Кочо Рацин“, подвозникот кон Црниче, додека на Обиколницата околу Скопје беа заглавени поголем број на возила.. Најголемите поплави и штети се случија во повеќе населени места во општините Гази Баба и Арачиново, каде како најпогодени се местата Стајковци, Сингилиќ, Виниче, Смилковци…

Сите екипи на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје веднаш интервенираа на терен во насока на оспособување на сообраќајниците каде се појавија поплавувања, отстранување на сите пречки, како и спасување на лица и возила кои беа зафатени на поплавените улици. На терен делуваа цистерни на ЈП „Водовод и канализација“ кои со возила и механизација работеа на испумпување на водите од поплавените улици, во што се приклучија и екипи на Противпожарната бригада на Скопје со поголем број на возила опремени со моќни пумпи за испумпување вода. Екипите на ЈП „Паркови и зеленила“ на терен интервенираа на поголем број на локации за расчистување на теренот од паднати дрвја и гранки. Екипите на ЈП „Градски Паркинг“ на терен интервенираа со 7 возила-пајаци за вадење на заглавени возила во поплавените локации, каде во текот на ноќта интервенираа на повеќе од 40 локации.

Денеска во просториите на Градот Скопје се одржа состанок на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, на коишто присуствуваа претставници голем број на државни институции, јавни претпријатија и градоначалници и нивни претставници од сите општини во Градот Скопје, на кои се дискутираше за состојбата и се координираа активностите на терен.

Денеска се одржа и состанок во Центарот за управување со кризи на Управувачкиот комитет за справување со кризи на кој присуствуваа вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, министерот Диме Спасов, Мирче Ѓорговски од Кабинетот на Претседателот на РМ, градоначалниците на Скопје и на Гази Баба, Коце Трајановски и Тони Трајковски, директорот на Водовод а.д. Александар Атанасов.

На овој состанок се анализираа случувањата на терен, се координираа активностите за надминување на сите проблеми коишто се настанити на терен, како што се спасување на лицата од населените места кои се најпогодени од невремето, оспособување на патиштата за сообраќај, достава за вода за пиење до овие места, нивно провремено сместување и слично.

– Седумнаесет животи потврдено е дека се загубени, во моментов добивме информација за дополнителни тројца со што бројката може да порасне на 20 и се надевам дека тука ќе застане. Сите институции од почетокот на оваа непогода се во постојана активност во борба со оваа природна стихија. Припадниците на МВР специјалните единици, припадниците на АРМ, ДЗС, општините, Градот Скопје, противпожарната бригада, Министерството за здравство преку преку итна помош се обидуваат да им помогнат на граѓаните. Над 1.000 граѓани беа извлечени и им беше помогнато, беа во многу сериозна ситуација, а голем дел од нив и во животозагрозувачка ситуација. Институциите помогнаа оваа катастрофа да не поголема – рече вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.

Директорот на УХМР, Оливер Ромевски, изјави дека станува збор за природна катастрофа од огромни размери, која со декади не е евидентирана во Македонија.

– На Зајчев Рид измеривме 95 литри дожр на метар квадратен, а во Петровец имало само 5 литри. Значи буквално просторот го загради, природата си го направи своето и придонесе до една ваква несакана катастрофа. Подоцна тргна повторно да се извлекува по логичната траекторија, но повторно нелогично се врати назад и тоа беше оној втор бран што се појави после 10 ипол 11 часот кој што придонесе ситуацијата да стане многу полоша, рече Ромевски.

Градоначалникот Трајановски по состанокот ги наведе досегашните активности на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, како и за идните насоки за помош во неколкуте населени места во Гази Баба кои беа најпогодени од поплавите.

Во 14 часот Советот на Град Скопје ќе одржи вонредна седница на која ќе дискутира за состојбата по поплавите и за идните чекори кои ќе бидат превземени.

Слични содржини