Проект на Црвен крст: Донирајте облека да блеснат сите матуранти и апсолвенти

од desk2
301 прегледи

Продавницата „Копче“, проект на Црвениот крст на Град Скопје, ги повикува граѓаните кои сакаат да ја донираат нивната матурска и апсолвентска облека и да овозможат некои девојки или момчиња од ранливите категории да можат да имаат соодветна облека за своите матурски или аплолвентски вечери.

– „Копче“ дојде на идеја да испрати порака до секој оној кој сака да ја подари својата облека од матурската или апсолвентска вечер и на тој начин да овозможи некоја девојка или момче да заблескаат на својата посебна ноќ. На овој начин, ќе можете да го изберат парчето облека кое најмногу им се допаѓа и да изгледаат прекрасно за матурската или апсолвентска ноќ, се вели во соопштението од „Копче“.

„Копче“ е проект кој го разви Црвен крст на Република Македонија – Црвениот крст на град Скопје како резултат на долгогодишно работење во областа на донирањето на облека и дистрибуција до најзагрозените, а воедно, како што посочуваат оттаму, и место каде што се поврзуваат хуманоста, достоинството, трудот, екологијата.

-Да се потрудиме заедно месецот мај да го направиме совршен, споделувајќи и ширејќи среќа и насмевки на лицата на младите луѓе. Со споделувањето во „Копче“, споделувате вредност и спомени, правејќи повеќе за себе и за другите!, се додава во соопштението.

„Копче“, велат оттму, е местото каде што може да се најде уникатна „second hand“ облека по најповолни цени.

Слични содржини