Од невладината Цивил реагираат на прес конференцијата на Народното движење за Македонија во која што обвинија за отстранување на докази за изборни неправилности.
„Народно движење за Македонија (НДМ) излезе со соопштението „Агентите на БНД во германската амбасада во Скопје тргнаа пријавени изборни неправилности“ кое го презентира на прес конференција на 4 февруари 2017 година, во кое изнесе тешки клевети и невистини за ЦИВИЛ, а тоа го искористи и за дрзок и непринципиелен напад на владата на Сојузна Република Германија.
Соопштението на НДМ е преполно со лаги и очигледни зли намери да се нападне, без никаква основа, една организација на граѓанското општество каква што е ЦИВИЛ – Центар за слобода, а уште повеќе владата на една пријателска држава, која со децении толку многу ѝ помага на Република Македонија. Немаме други зборови, освен – апсурдно, недолично и срамно. Не можеме да го скриеме и нашето сожалување врз оние што можеле да смислат, напишат и соопштат вакви ставови.
НДМ крши закони со речиси секој став во своето соопштение, со апсурдни измислици и клевети за кои се сомневаме дека имаат многу посериозна позадина, отколку само незрело и хистерично однесување на структура, која е исфрлена далеку на маргините од општествено-политичкиот живот во земјава.
Имаме основа да веруваме дека овој испад на НДМ е злонамерен. Тие и самите велат дека ЦИВИЛ е „најголема и највлијателна“ организација, но потоа лажат дека имаат сознанија дека нашиот извештај бил проверуван од германските разузнавачки служби. Такви сознанија не можат да имаат, бидејќи такво нешто никогаш не се случило. Тоа добро го знаат и тие што го пишувале и тие што го презентираа ова бесмислено соопштение.
Никогаш не е побарано од ЦИВИЛ да даде било каков извештај наменет за јавноста на увид кај донаторите. Се работи за демократски земји, во кои слободата на говорот се почитува.
А ЦИВИЛ, добро знаат сите, никогаш не прави компромис со фактите на реалноста! Затоа, само на денот на гласањето, ЦИВИЛ беше во комуникација со повеќе илјади граѓанки и граѓани. Во текот на минатата година, нашата организација имаше директен контакт со десетици илјади граѓанки и граѓани, а на социјалните мрежи имаше опфат од над пет милиони импресии само во последните шест месеци. Со вакви испади во јавноста, НДМ нема да излезе од политичката канализација во која се наоѓа. Тоа може да го постигне само со непоколебливост, храброст, посветеност кон вистината и со работливост, карактеристики со кои се одликува ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ, едноставно, не ги спомена НДМ во својот Извештај, бидејќи, имаше премногу вреден и значаен материјал да се објави во оваа публикација, а сè останато е објавено во други формати.
Но, токму оваа партија, без оглед на фактот колку е мала, а сега докажува дека е и безначајна, ЦИВИЛ редовно ја покануваше на јавните настани и им отстапуваше простор да ги искажат своите ставови, со што го манифестиравме искрениот пристап и принципот на рамноправност кој го застапуваме. Тоа може да се провери на онлајн каналите на ЦИВИЛ, како на веб страниците, така и на видео каналот ЦИВИЛ Македонија. Да не се однесува на толку сериозна тема и да не беше нападната влада на пријателска држава со дрски лаги и конструкции, веројатно ќе го игнориравме НДМ или нашата реакција ќе се сведеше на подбивни шеги и констатација дека нешто сигурно не е в ред со луѓето, кои имаат вакви параноични конструкции во своите глави.
ЦИВИЛ го повикува НДМ веднаш да се извини и да го повлече своето соопштение.
Воедно, ЦИВИЛ ќе иницира соодветни постапки пред истражните, безбедносните, правосудните и други релевантни институции да ги земат предвид лажните наводи на оваа партија против нас и против германската влада и да постапат според законите. НДМ е должна да ѝ објасни на јавноста, но и на институциите, дали, кој и со каква цел нарачал вакво непресметливо четиво од нив или е плод само на нивната фантазија, со која очигледно имаат проблем“ стои во соопштението на Цивил.