Вечерва на полноќ официјално започнува изборната кампања

од Vladimir Zorba

Вечерва на полноќ и официјално стартува кампањата за локалните избори. Ќе трае до 13 октомври. Ова се првите избори кои ги организира владата предводена од Зоран Заев.

Кандидатите за градоначалници денеска потпишаа Кодекс за одржување слободни и демократски избори, преку кој се обврзуваа дека ќе ја почитуваат законската регулатива за време на организирањето и спроведувањето на изборите.

Со Кодексот се предвидува политичките партии да не вршат притисок врз вработените во јавната и државната администрација и останатите институции финансирани од буџетот на државата.

Кодексот за слободни и демократски избори го потпишаа речиси сите кандидати вклучувајќи ги и тие кои се во трка за градоначалник на Скопје.

Потпис ставија Петре Шилегов, Коце Трајановски, Нафије Селмани, Наим Бајрами и Беким Фазлиу.

Од Државната изборна комисија велат дека ги направиле сите потребни подготовки за спроведување на овој изборен циклус.

На локалните избори кои ќе се одржат на 15 октомври ќе учествуваат 19 политички партии и коалиции, како и неколку листи на независни кандидати за општински советници.

Слични содржини