Одлучни сме, има надеж, победува борбата за живот во Македонија, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев од митингот во Делчево.
– Груевски си ги пакува куферите, Груевски заминува засекогаш. Денес падна првиот снег, ќе падне и оваа расипничка власт на фамилијата. Ќе одговараат за гревовите што ги направија. Пред вас е блескава иднина што ќе го замени 10 годишното сивило на сиромаштијата. Си го сакаме животот во Македонија и ќе си го вратиме, тоа им го должиме на сите граѓани. Децата ни се по белиот свет, ќе си ги вратиме. Болката на родителите ќе се претвори во радост. Делчево мора да го оправда тоа што го носи името на Гоце Делчев, да го оправда аманетот. Ах да стане Делчев и да види какви неранимајковци го носат светот имае на ВМРО, и да види на какво дереџе ја донесоа Македонија, за тоа ли тој се борел, ќе умре повторно, но овој пат од жал. Денеска знаеме се, вистината е обелоденета до крај, никој не може однадвор да дојде и да ни ја спаси Македонија. Затоа Делчев зборуваше дека делото на ослободувањето на еден народ е пред се негово сопствено дело на неговите сопствени рацете. Во наши раце е пенкалото, да се ослободиме од крпениот живот и да обезбедиме модерен живот како Европа, Хрватска и да обезбедиме живот овде – рече Заев.
Тој рече дека миниламната плата ќе биде 12.000 денари, а просечната 30.000 денари, со што сите ќе има услови за пристоен живот.
– Со финансиска поддршка за домашните фирми мали и средни претпријатија ќе обезбедиме просечна плата од 30.000 денари. Украдените пари ќе ги вратиме кон граѓаните. Груевски потроши 700 милони евра за споменици и фасади, а јас ќе потрошам 700 милиони евра за нови работни места за повисоки плати за граѓаните – рече Заев.
Тој вети и плата плус за секое семејство преку поврат на ДДВ, бесплатно болничко лекување, бидејќи како што рече ничие здравје нема да зависи од тоа дали има пари за лечење или не.
– Ќе има и правда и правичност, правда за криминалците за да не му падне на памет на некој друг да го направи ова што го направи криминалната банда на Груевски. Оние кои имаат помалку ќе плаќаат помалку. Ќе има живот за сите, на дофат е тој живот, живот на спокојни родители, радосни деца. Овој план се телеми на наука, историја и факти. Во оваа програма го земавме најдобро од светот овој план го плаши нашиот противник, нема веќе крадење на животот. Се збунил Груевски, вели ќе има федерализаицја и кантонизација, не не ќе има конфискација, фамилијата на власт ќе врати се што им одзеде на стотици фамилии. Им се смее цела Македонија почнаа со икони да шетаат по митинзи. Господ ќе им прости, но народот нема да им простои.
Што се однесува до Уставот, нема да дозволам никој да го смени, ќе се почитува и ќе се спроведува, нема менување на Уставот, не дозволувајте режимот да ве лаже за да обезбеди нови четири години власт. Секоја жртва вредеше пишуваме историја, рушиме режим, носиме живот, 12 декември носи нов почеток – рече Заев.