ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на договорот, му порача Груевски на Борисов

од Vladimir Zorba

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и бугарскиот премиер Бојко Борисов разговараа за односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија и за заедничката посветеност за унапредување на добрососедските односи во сферите од заеднички интерес, и интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ е за продлабочување на пријателството со Бугарија, за економски развој и подобра соработка помеѓу македонскиот и бугарскиот народ.

„Во однос на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, претседателот Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во однос на оваа тема има принципиелни, долгогодишни и аргументирани ставови чија основна идеја беше постигнување на договор во кој нема да има чувство на победник и поразен и кој ќе ја реализира идејата за вистинско и рамноправно пријателство и соработка помеѓу двете држави и народи. Тој го извести својот соговорник дека согласно ставот на Централниот комитет на партијата, ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на договорот кој го потпиша марионетската влада на Зоран Заев, а за кој ВМРО-ДПМНЕ имаше конструктивни и суштински забелешки и предлози за негово подобрување“, стои во соопштението.

Груевски и Борисов ја истакнале значајноста и потребата од што побрза интеграција на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија, како приоритет кој ќе обезбеди трајна стабилизација на регионот и ќе обезбеди услови за дополнителен економски развој на истиот.

Соговорниците исто така разговарале и за соработката во областа на Европската народна партија, каде што членуваат и двете партии ВМРО-ДПМНЕ И ГЕРБ.

Слични содржини