Војводата замина во ајдуци

од Vladimir Zorba

Ви пренесуваме дел од колумната на Ерол Ризаов:

Војводата вчера замина во ајдуци. Тоа го направи со големо задоцнување, како и секогаш, бидејќи Петров ден одамна помина кога комитите излегуваат од кај јатаците и заминуваат во шума да бидат на браникот на татковината, во одбрана на слободата, независноста и самостојноста. Пред да се придружи на ајдучката чета тој се обрати на нацијата на конференција за печат. Притоа на напатениот народ од 11 годишното владеење на башибозукот му приопшти: заврши времето на конструктивност и попусливост. Оваа тортура веќе не се трпи ниту еден ден, а камоли цели 30 дена на стравично измачување со кое сме соочени како никогаш досега во историјата на Република Македонија, па и на цела Европа. Досега не се случило вакво класично политичко гонење на политички противници. Стотина лица, дел од органите или поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се прогонуваат со цел партијата да се уништи, да се замолчи… види мајката, на војводата му станало неподносливо од теророт на сопствениот режим кој сè уште функционира во државата

Овие пораки на војводата треба да се читаат по неколку пати секој ден како молитви пред неговата икона. Есапејќи нè за шапшали и какавани ни кажува дека ова што му се случува него и на неговите пајташи, не постои историски пример на вакво нешто. Ова досега не е видено во светот. Лелека на сет глас ова е политички, а не правен процес. Специјалното обвинителство носи политички одлуки без правни докази. Целта е слабеење на Македонија. Затоа ние остануваме на бедемот на државата. Целта на непријателот е да се заплаши судството, да се заплаши новинарството, да се заплаши целиот народ. Нашиот грев е што 11 години бевме на браникот на татковината, на името и на нацијата. Ова е срамен и кукавички чин. Конструктивноста, како некои ја нарекуваат попусливост завршува денеска. Сега е време историјата да одлучува и да суди. Ние се плашиме само од судот на историјата. Овде очигледно не сум само јас во прашање туку во прашање е една идеја за Македонија, силна, цврста и самостојна која сакаат да ја скршат и се спремни на сè заради тоа. Ова е класична политичка и антимакедонска конструкција. Иднината тоа ќе го докаже, како што ќе се докаже историската одговорност која ја носат сите овие лица кои сега јаваат на бранот на еуфоријата мислејќи дека времето почнува и завршува со нив… Ете ова им го соопшти војводата на медиумите и, како што долукува на еден голем патриот и демократ, на конференцијата за печат не дозволи никакви прашања. Си замина војводата во борба за слобода. Наместо од себе ќе ја ослободува Македонија од непријатели и предавници кои со светски заговор ја преземале власта и кои сакаат да напрват монтирани судски процеси на најзаслужните македонски дејци кои во изминатите 11 години владеење од Македонија направија рајска градина. Војводата и неговата ајдучка чета нема да чекаат 11 години натрапниците да владеат без контрола и да ја уништат и обезличат Македонија, туку веднаш ќе тргнат во акција. Нема веке ни попусливост, ни толеранција. Почнува одлучувачката битка за Македонија. Оти не се работело за судбината на војводата, туку за Македонија, а тоа е едно те исто. Македонија без вождот веќе не е Македонија. Нели. Има уште абдали што така мислат.

 

Кога човек ќе ги слушне овие зборови, кои одекнуваат застрашувачки како ќорфишеци, не може, а да не се праша: добро знае ли водачот што зборува. Како да му се каже аман не нè брани повеќе. Со твоите одбрани останавме последни на Балканот и во Европа. Ако навистина ја сакаше својата партија и својата татковина толку многу, доволно ќе беше да ја спаси од себе со своето повлекување од политичката сцена и со докажување на својата невиност на суд. Тој, судот и никој друг, треба да пресуди дали се работи за политичка пресметка или за тешки кривични дела и кршење на законите. Војводата навикнат да апси и суди под негов диктат сега има уплав од непристрасни и професионални судии. Како тоа невин човек не сака да оди на суд и да ја докаже вистината, да ја побие лажната оптужба. Ретки се случаите невин да не сака судска правда. Затоа карикатурална е грижата за слобода и независноста на судството на осомничениот за криминал, корупција и злоупотреба на власта, апсење и затварање на политички противници пред тв камери. Каков е тој патриотизам да се изедначува сопствената судбина со судбината на државата. Вакво нешто не се слушнало ни од устата на големи државници кои ги задолжиле своите татковини во најголемите ослободителни војни.

Целата колумна на Ерол Ризаов на следниот линк.

Слични содржини