Врело алтернатива за вода за Скопје

од desk2

Водата во Македонија има многу висок квалитет, а изворот Рашче се вбројува во првите три во Европа по квалитетот на водата за пиење, рече проф. д-р Кирил Лисичков од Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје на денешната работилница „Управување со природни водени ресурси“, организирана под покровителство на UNWATER по повод 22 Март, Светскиот ден на водата.


Тој нагласи дека питката вода од изворот Рашче е сурова вода со многу добар и избалансиран состав во однос на присуството на катјони и анјони.

– Најважно е што се работи за вода која има PH вредност 7,35 што е многу билску до PH вредноста на течностите во нашиот организам. Поради тоа нашиот организам ја препознава и може да ја прими онака како што му треба, рече Лисичков.

Појасни дека изворот Рашче заедно со заштитените зони има три каптажи. Најчесто, како што рече, работат изворите Рашче 1 и Рашче 2, а дополнително во летниот период се вклучува и изворот Кондово.
– За наредните 30 до 50 години Рашче има на располагање доволно вода и добри извори за задоволување на потребите на Скопје. Но, тоа не значи дека не треба да се грижиме за водата, рече Лисичков.

Посочи дека порано потрошувачката на вода изнесувала до 200 литри по член на семејство, а сега е зголемена и изнесува од 200 до 250 литри по жител.

– Затоа работиме на менаџирање и наоѓање алтернативни извори на вода за Скопје. Еден од потенцијалните е изворот Врело кој исто има квалитетна вода и може во перспектива да се користи. Ако во 19. век владееше златната треска, во 20. век црното злато – нафтата, 21. век според Светската здравствена организација е век на белото злато, а тоа е здравата и чиста природна вода, која по нивната дефиницја претставува и храна, односно универзален растворач без кој нема живот, потенцира Лисичков.

Слични содржини