Заев: Македонија и Србија заедно на страната на мирот

од Vladimir Zorba

   Република Македонија и Република Србија ќе развиваат успешни билатерални односи и преку нив ќе придонесат за јакнење на соработката во регионот, изјави македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за весникот „Политика“ за време на неговата прва официјална посета на Србија.

Тој истакна дека во Белград се чувствува како во свој дом, а во Србија допатувал со цел да се унапредат односите меѓу двете пријателски држави и да се развие соработката на ниво кое го заслужува вековното пријателство меѓу народите на двете земји.

Заев за „Политика“ нагласи дека политичко-безбедносната ситуација во Македонија е стабилна.

– Политичко-безбедносната ситуација во Македонија е стабилна, реформските процеси ги водевме внимателно, водејќи сметка за граѓанските и државните интереси, а со актуелните политички раководства во регионот, кои покажаа одговорност за стабилен регион, убеден сум дека сме на вистински пат кон нашите заеднички стратешки цели, додаде македонскиот премиер.

Претседателот на македонската Влада истакна дека „европските вредности им се потребни на граѓаните во нашите земји, перспективите ни се отворени и од нас зависи колку брзо ќе стигнеме до посакуваната цел“.

– И Македонија и Србија имаат потреба за мир и стабилност во своите држави, како и во регионот и во светот, бидејќи само регионален и светски мир значи вистински безбеден „дом“. Начините како да се гарантира мир и стабилност се всушност политичките одлуки, но се додека сме заедно и на страната на мирот – немаме проблеми, оценува Заев.

Тој е убеден дека определеноста на раководството на Србија, исто како и во Македонија, е сите прашања да се решаваат на мирен начин, преку дијалог, мудро и со чувство на одговорност.

– Тоа им го должиме на граѓаните било каде да живеат, во Македонија, Србија, на Балканот или ширум светот, порачува Заев.

Премиерот Заев се согласува дека македонскиот и српскиот народ ги спојува историско и културно минато, врз чии темели може да се гради иднината.

– Секоја идеја, предлог или чекор кои водат кон овие цели се вредни за разгледување. Едно знам: ова се времиња кои поттикнуваат развој, моменти кои не смеат да се пропуштат. Свесни сме за тоа, ќе преземеме акции, а ефектите ќе ги почувствуваме и ќе бидеме горди на нив, бидејќи за тоа ќе бидеме заслужни заедно, додаде Заев.

Тој им порача на граѓаните на Србија, храбро да ги бранат вистинските демократски вредности, со цел да им обезбедат иднина на оваа и следните генерации.

Премиерот на Македонија синоќа слета на белградскиот аеродром „Никола Тесла“,каде беше дочекан од српскиот министер за иновации и технолошки развој Ненад Поповиќ. Тој во текот на утрешниот ден ќе оствари средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ.

Слични содржини