Заврши распитот на Палевски во СЈО – тој е пуштен на слобода

од Vladimir Zorba
223 прегледи

По четири часа распит, Љупчо Палевски и неговиот адвокат го напуштија СЈО без да дадат коментар за што бил приведен и повикан на распит.

Палевски, за Телма само рече дека станува збор за предистражана постапка.

Неофицијално станува збор за негова инволвираност во врска со објавените прислушувани разговори на „Јутуб“ под псевдонимот „Никола Тесла“.

По барање на јавен обвинител тој синиќа беше приведен во полициска станица – ова денеска беше потврдено од СЈО. Со налог од судија на претходна постапка извршен е и претрес и во објекти и во работилницата на Палевски, но ниту надлежните ниту неговиот адвокат не откриваат дали полицијата пронашла нешто.

Други детали околу приведувањето на бизнисменот и поранешен партиски функционер на СДСМ не се откриваат. Според неофицијалните информации, Палевски се поврзува со објавувањето на приватни прислушувани разговори на политичари и новинари „Јутјуб“. На „Јутјуб“ сè уште стојат неколку приватни разговори објавени од корисникот „Никола Тесла“. На разговорите се слушаа гласовите на новинарите Оливера Трајковска, Драган Павловиќ Латас, Ивона Талеска, политичарите Али Ахмети, Муса Џафери, Ермира Мехмети и Мендух Тачи, но и на бизнисменот Јордан Камчев.

Дел од нив во рамки на предистражната постапка која ја отвори Катица Јанева пријавија дека нивни приватни разговори завршиле на „Јутјуб“.

Бизнисменот Љупчо Палевски и неговата „УПА Ентерпрајс“ се спомнуваа во процесот против поранешната директорка на УЈП, Петра Митева. Таа беше обвинета дека склучила штетен договор со Палевски за објектот „Тифани“ кој требал да биде административно-деловен простор за потребите на Управата.

Палевски во процесот беше сведок и тврдеше дека имал одобрение за градба за „Тифани“, но поради опструкции од Општина Центар не можел да добие имотен лист. Палевски во минатото беше дел и од медиумскиот бизнис, но беше и претседател на Градската организација на СДСМ.

На приведувањето на Палевски реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Тие велат дека Јанева нема мандат да отвора нови истраги и доколку има случај со Палевски по него треба да постапува Основното јавно обвинителство.

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека секој што се огрешил пред законот и работел во спротивност со истиот, треба да одговара за своите дејствија во законска, фер и правична постапка и никако поинаку. Доколку Палевски го прекршил законот, тој за тоа треба да одговара пред ОЈО кое е единствено легитимно и надлежно обвинителство да отвора истраги и покренува обвиненија без било какви пречки“, вели Орце Ѓорѓиевски –  ВМРО-ДПМНЕ.

Случајот со Палевски повторно го отвора прашањето: Кој се поседува прислушувани разговори. Во истражната постапка на скопското обвинителство беше споменато дека кај Захир Бекири – Чауш пронајдени се прислушувани разговори, но тие не влегоа во обвинението. Тој беше осуден само за фалсификување на лични карти.

Слични содржини