Барак Обама ја поддржа Камала Харис како кандидат на Демократската партија на претседателските избори, ставајќи крај на шпекулациите дали ќе го направи тоа. Зад кандидатурата на Харис сега застанаа сите угледни членови на партијата.
Во заедничкото соопштение, Барак и Мишел Обама кажаа дека веруваат дека Камала Харис ги има визијата, карактерот и силата што се бараат во овие клучни моменти.
Earlier this week, Michelle and I called our friend @KamalaHarris. We told her we think she’ll make a fantastic President of the United States, and that she has our full support. At this critical moment for our country, we’re going to do everything we can to make sure she wins in… pic.twitter.com/0UIS0doIbA
— Barack Obama (@BarackObama) July 26, 2024
Обама бил меѓу 100-те угледни членови на партијата со кои Харис разговарала набргу откако Џо Бајден објави дека се повлекува од изборната трка. Бившиот претседател потоа му оддаде почит на Бајден, но директно не ѝ даде поддршка на Харис, при што некои веруваа дека тој претпочитува отворени номинации на претстојната Националната демократска конвенција во Чикаго.
Сепак, откако Харис доби поддршка од Бил и Хилари Клинтон, Ненси Пелоси и бројни гувернери и сенатори, и Обама јавно се огласи.
„Ќе сториме сѐ за да ѝ помогнеме да биде избрана. Се согласуваме со претседателот Бајден: изборот на Камала е еден од најдобрите што ги направил. Таа има биографија која го докажува тоа. Не се сомневаме дека Камала има сѐ што е потребно за да победи на изборите. Ова ќе биде историски“, порачаа Барак и Мишел Обама.
На стотина дена до изборите, Харис имаше летечки старт на кампањата, при што за кратко време собра донации од над 100 милиони долари.
Изборите во САД ќе се одржат на 5 ноември, а пред да се најде на гласачкото ливче, Харис треба и официјално да ја добие поддршката од Демократската партија на конвенција што ќе се одржи во август. Сепак, речиси сигурно е дека таа ќе биде кандидатката, откако делегатите одлучија да ја поддржат по повлекувањето на Бајден. Како противник на Харис за претседателските избори ќе биде Доналд Трамп, кој веќе ја доби поддршката од неговата партија, како и Роберт Ф. Кенеди Џуниор, кој настапува како независен кандидат.