По вчерашните предвремени парламентарни избори што се одржаа во Србија, претседателот Александар Вучиќ изјави дека неговата Српска напредна партија освоила апсолутно мнозинство.
Според податоците на Републичката изборна комисија, изборната листа „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“ освоила 47,24 отсто од гласовите.
Опозициската листа „Србија против насилство“ освои 22,86 отсто од гласовите, Социјалистичката партија на Србија 6,67, изборната листа „Надеж за Србија“ доби 4,94 отсто, листата „Ние – глас од народот – Бранимир Несторовиќ“ – 4,63, а Милица Ѓурѓевиќ Стамнековски – Бошко Обрадовиќ 2,8 отсто гласови.
Во Белград, каде што се очекуваше дека власта може да се лизне во рацете на опозицијата, најмногу гласови освои и листата на Вучиќ, 38,5 отсто, додека опозициската коалиција „Србија против насилството“ освои 35 отсто.
Таблоидите го слават СНС
Изборите во Србија се главна тема и на таблоидите на Вучиќ кои на насловна ја слават победата на неговата партија. Српски Телеграф на насловната има фотографија од српскиот претседател во екстаза, опишувајќи го како „тата-мата на неговиот занает“, со заклучок дека „по седми пат ја исчистил опозицијата“.
„Ало“ пишува дека листата на Вучиќ освоила апсолутно мнозинство во парламентот и дека претседателот ги „издувал сите останати“. На насловната страница, меѓу другото, наведуваат дека „опозициските и тајкунските медиуми, со цел да предизвикаат хаос и насилство на улиците, три дена систематски го кршат изборниот молк“, а единствениот „инцидент во Оџаци е процесиран“.
На насловната страница на Инфомер, која е во сопственост на Драган Вучичевиќ, насловот „Србија го кажа својот збор“ „вреска“ и ја раскажува приказната за тоа како „луѓето на Ѓилас направија хаос на денот на гласањето, брутално лажеле за Вучиќ“, со тврдење и дека физички го нападнале нивниот тим.
„Вучиќ посилен од сите“
Провладиниот „Курир“ објавува насловна страница со Вучиќ и останатите од СНС со наслов „Посилен од сите“, а на неа го истакнува Бранимир Несторовиќ како најголемо изненадување на изборите и Ивица Дачиќ, кој најави заминување од Социјалистичката партија на Србија.
Од поумерените медиуми на Вучиќ, на насловната страница на „Вечерње новости“ пишува „Апсолутна победа на СНС“, како и насловната страница на весникот „Дневник“.
„Изборен транспорт“
На насловната страница на „Политика“, медиум кој исто така силно го поддржува Вучиќ, е насловот „Апсолутна поддршка за политиката на Александар Вучиќ“.
Од медиумите кои не му се наклонети на Вучиќ, „Нова“ на насловната посочува дека белграѓани на избори излегле во поголем број отколку во 2022 година, а се занимава со „изборниот транспорт“ на Вучиќ, црните џипови, автобусите од Босна и Херцеговина и познатиот „бугарски воз“.
„Данас“, кој исто така не е „приклонет“ кон Вучиќ, на насловната пишува дека СНС победила на изборите „со нерегуларности“, а опозицијата добила повеќе гласови во Белград.