📽 Немири во Даблин по синоќешниот напад со нож: Минувачи го држеле напаѓачот додека не дошла полицијата

од Stefanija Kuzmanovska
220 прегледи

Петгодишно девојче и понатаму е во критична состојба во болница по вчерашниот напад со нож пред училиште на плоштадот Парнел во Даблин. Во нападот се повредени уште две деца и нивната наставничка.

Шестгодишно девојче, второто нападнато, има повреди на главата и ќе ѝ треба операција, додека петгодишното момче кое се здобило со полесни физички повреди е пуштено од болница, јавуваат ирските медиуми.

Во тешка состојба во болница е и нивната наставничка. Ранет е и напаѓачот кој утрово е под полициски надзор во болницата. Инаку, децата во Ирска почнуваат основно училиште на петгодишна возраст.

Да потсетиме, вчера околу 13 часот деца стоеле пред училиштето на плоштадот Парнел, во центарот на Даблин, кога еден маж ги нападнал со нож.

Петгодишно девојче било избодено и тешко повредено и итно е пренесено во болницата на улицата Темпл. Нападнати биле и другите две споменати деца – момче и девојче на возраст од пет и шест години, кои биле полесно повредени. Нивната учителка се нафрлил на напаѓачот во обид да ги одбрани, но исто така била избодена и тешко повредена.

Доставувач за ирските медиуми опишал како поминувал во моментот на нападот и дека веднаш слегол од велосипедот и го удрил напаѓачот со кацигата. Во неговото совладување му помогнале и други граѓани кои успеале да го врзат додека полицијата и итната помош не пристигнале на местото на нападот.

Полицијата засега официјално не се огласи за мотивите на нападот, ниту јавно го соопшти идентитетот на напаѓачот. Ирскиот „Индепендент“ објави дека напаѓачот е маж кој во последните години живеел на различни адреси во Даблин, долги години живеел во Ирска и има ирско државјанство, но не е роден таму. Медиумите пишуваат и дека првите резултати од истрагата покажуваат дека тој не бил поврзан со училиштето во кое учеле нападнатите деца.

Вчера владееше хаос на улиците во Даблин откако незадоволни граѓани излегоа на протест по инцидентот. Запалени се најмалку еден полициски автомобил и автобус, запрен е целиот трамвајски и автобуски сообраќај. Толпата дивееше по улиците од 17 часот до доцна во ноќта, а поединци го искористија моментот на хаос за да ги ограбат дуќаните во близина.

Слични содржини