Јовевски: Личните оценки на Грковска за работата на ЈО се неосновани, паушални и неточни

од Stefanija Kuzmanovska

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски ги оценува како неосновани, паушални и неточни личните оценки на заменик претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска за неговата и работата на Јавното обвинителство изнесени на вчерашнниот настан по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

„Во јавниот настап, во кој таа учествуваше како носител на јавна функција од извршната власт, некои од искажувањата, навидум лични, значат директно мешање во работата на Јавното обвинителство и ја загрозуваат неговата самостојност. Политиката на добро владеење во основа треба да ја почитува поделбата на власта и владеењето на правото“, реагира Јовевски.

Во последниот извештај за напредокот на земјата на Европската комисија, јавниот обвинител вели дека не се упатени критики на сметка на Јавното обвинителство, туку напротив дека „постои умерен напредок во борбата против корупцијата“, што според Јовевски, е соодветно на целокупната оценка за подготвеноста на повеќето институции во земјава за исполнување на европските критериуми.

„Република Северна Македонија продолжува да напредува во истрагата, гонењето и судењето во предметите на корупција, вклучително и предметите на корупција на високо ниво, стои во извештајот на Комисијата. Притоа, и таму се истакнува дека е неопходно во иднина да се зголемат ресурсите кои се доделуваат на Јавното обвинителство и особено да се издвојуваат доволни ресурси за Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вклучувајќи и финансиски експерти, со цел да се осигури ефективна одговорност за предметите на корупција на високо ниво“, додава Јовевски.

Според него, подобро и поцелисходно ќе биде доколку издвоените финансиски средства за функционирање на Кабинетот задолжен за политики за добро владеење се искористат за поефикасна борба против корупцијата, наместо да се трошат за дебати и конференции со занемарлив ефект.

 

Слични содржини