И покрај дождливото време, илјадници граѓани, претежно млади, вчеравечер се собраа во центарот на Скопје како дел од протестот организиран од движењето „Кој е следен?“. Настанот започна со триминутен молк во чест на жртвите од трагедијата во Кочани, по што беше положено цвеќе на плоштадот „Македонија“. Демонстрантите потоа се упатија кон Собранието, а маршот се движеше кон Владата од каде беа испратени пораки за итни реформи и мерки.
Маршот продолжи преку мостот кај „Холидеј Ин“, движејќи се по булеварот „Гоце Делчев“, за да заврши пред Владата. Таму беше одржан шестнаесетминутен молк, а собраните граѓани извикуваа: „Правда!“, „Уа профитери!“, „Ние сме системот!“, „Не се плашиме!“, „Цела влада – оставка!“, „Убијци!“.
Организаторите поставија конкретни барања, меѓу кои транспарентно објавување на целата документација за работењето на клубот „Пулс“, од неговото отворање до моментот на трагедијата. Бараат и увид во извештаите на сите релевантни институции, вклучувајќи го Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, градежните инспекторати, МВР, Дирекцијата за заштита и спасување и Управата за јавни приходи.
Освен тоа, протестирачите инсистираат на одговорност за сите поврзани во претходни трагедии, како што се несреќата со модуларната болница, случајот со Онкологија, како и трагедиите со „Дурмо турс“ и „Беса транс“. Движењето нагласува дека Комората на угостители треба да се фокусира на подобрување на условите во угостителските објекти, наместо само да бара финансиска поддршка и дерегулација.
„Без исполнување на овие барања, Македонија нема да може да се опорави. Народот заслужува одговори и правда. Ќе останеме на улиците сè додека не ја дознаеме целосната вистина. Овој пат, разрешницата мора да биде транспарентна, под будното око на јавноста“, се наведува во соопштението на „Кој е следен?“.
Организаторите потенцираа дека протестот е граѓански, без партиски обележја, а апелираа за мирно однесување и зачувување на јавниот ред и чистотата.
„Протестираме затоа што сакаме да останеме тука, во безбедна држава. Време е да се стави крај на политизирањето и манипулациите што ни ги наметнува системот. Доста беше романтизирање на улогата на жртвата – нашата цел е да спречиме идни трагедии и да создадеме сигурна средина за сите нас“, изјави Милена Јаневска од „Кој е следен?“.
Таа истакна дека движењето бара отчетност, безбедност и транспарентност, посочувајќи дека одговорност мора да има не само за случајот во Кочани, туку и за сите претходни несреќи.
Движењето „Кој е следен?“ беше формирано по смртта на Фросина Кулакова, која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин кај пекарата „Силбо“ на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Д.Ѓ
Фото и видео: Локално